Тошковски: Безбедносната состојба не е нарушена пред седницата на Уставниот суд

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, смета дека безбедносната состојба не е нарушена во врска со најавите на ДУИ дека укинувањето на која било одредба од Законот за употреба на јазиците, кој е на дневен ред на седницата на Уставен суд закажана за в среда, ќе биде директен удар врз стабилноста и мирот на Македонија.

Во вечерашното гостување на Сител телевизија, тој истакна дека Министерството за внатрешни работи (МВР) ги има потребните капацитети и ќе одговори на сите предизвици како и претходно.

-Сметаме дека безбедносната состојба не е нарушена. И во минатото говоревме дека постојат обиди за дестабилизација. Да, факт е дека на одредени злонамерници не им одговара тоа да имаме една демократска земја во која што ќе владее законот и правото и тоа токму се гледа и преку овие нивни дејствија, изјави Тошковски.

Тој додаде дека барањето на ДУИ директно се меша во работата и надлежноста на Уставниот суд.

-Сметам дека Уставниот суд треба да си донесе одлука согласно Устав и закон. Тоа е негова работа да одлучи дали одреден закон или одредена одредба е во согласност со уставните одредби. Сите политички субјекти и останати фактори во општеството ќе треба да ја почитуваат одлуката која што ќе ја донесе Уставниот суд без оглед во која насока ќе биде истата, додаде тој.

Во врска со изјавите на премиерот Христијан Мицкоски за неажурност на Обвинителството, Тошковски одговори дека се легитимни, имајќи предвид дека македонскиот народ, како што рече, „е желен за правда“.

-Легитимно е претседател на Влада да каже став за нешто што го констатирал како фактичка состојба. Легитимно е македонскиот народ да се надева, да посакува и да е желен за правда, рече министерот.

Тошковски, исто така, истакна дека соработката со обвинителството е одлична во однос на предмети кои се однесуваат на потенцијален криминал каде што нема високо профилирани случаи, но во однос на останатите не е на задоволително ниво.

-Се надевам дека во иднина тие ќе бидат тие што ќе му овозможат на македонскиот народ и граѓанин да види правда каква што заслужува, заради тоа што само така можеме да дојдеме до нормална држава која што сите ја посакуваме, додаде министерот.

Во однос на инцидентите со сквернавење на национални симболи на Денот на албанското знаме, тој посочи дека имало информации од Агенцијата за национална безбедност дека ќе има немири, а во однос на наводите на Коалицијата „Влен“ дека висок функционер на ДУИ бил вклучен во организирање на настаните, министерот рече дека има оперативни информации дека поранешен градоначалник од редовите на ДУИ директно бил вклучен во организирање на настаните на Денот на албанското знаме.

За најавената интерпелација од страна на ДУИ, односно на прашањето кога очекува таа да се најде на дневен ред, министерот за внатрешни работи посочи дека тоа е работа на Собранието.

-Тоа е работа на собранието, ова е демократски механизам кој имаат право да го активираат. За жал, за нив, нивните аргументи се неиздржани, контрадикторни сами на себе, рече тој.

Во врска со барањето за лидерска средба на СДСМ, тој одговори дека ставовите и барањата на СДСМ, како што рече, „секогаш се интересни“.

-Пет месеци повикуваа на оставка од мене, сега гледам решиле да бидат на страната на вистината и доброто на Македонија па не ја подржаа интерпелацијата, затоа што ценам дека нема аргументи за истата. Тоа е контрадикторно едно на друго, но, и тие имаат право на свое мислење. Од аспект на нивните барања дека тие ценат дека има потреба да има лидерска средба мислам дека претседателот на владата засега цени дека не треба да има лидерска средба за овие прашања, а понатаму остануваат вратите отворени, да се седне и да се разговара во иднина, рече министерот.

Посочи дека имаат индиции за криминали, како што посочи, „од епски размери“.

-Кога говорам за епски, говорам за криминал што е на штета на буџетот на македонските граѓани со многу цифри, во евра, рече тој.

Свршеницата на Никола Карев умрела со неговиот свршенички прстен на раката

Големата љубов на претседателот на Крушевската Република, Никола Карев, и учителката Коца Тасева-Хаџова била кратка, но бурна и трагична, какво што било и времето во кое се случила – Илинденското востание и Крушевската Република. Во џебот на палтото на војводата Карев дента кога бил убиен, пред сто и девет години, кај селото Рајчани, Кочанско, аскерот ја нашол фотографијата на неговата свршеница. Таа фотографија, всушност единствената фотографија на Коца, била објавена во турските весници неколку дена подоцна, заедно со информацијата за убиството на Карев. Пред да биде отстапен на Архивот на Македонија, еден примерок од тој весник долго време се чувал во домот на семејството Кареви во Крушево.

Скршена од поразот на востанието, учителката Коца Тасова-Хаџова, по задушувањето на Илинденското востание и пропаста на Крушевската Република, со свршеничкиот прстен на раката и големата златна меџидија зашиена во работ на фустанот заминала од Крушево за Костур, а следната година се вратила во својот роден град Струга. По разделбата со својот свршеник во 1903 година во Крушево, двајцата веќе никогаш не се виделе. Умрела во 1907 година, две години по убиството на Карев. Прстенот и златната меџидија, подарок од Карев, заедно со личните предмети и облека на Коца по нејзината смрт долго се чувале во домот на Хаџови во Струга. Многу години подоцна свршеничкиот прстен и меџидијата како семејно наследство ги зела Даница, помладата сестра на Коца Хаџова, а другите лични предмети и облека останале кај постарата сестра Ленка.

Пред неколку години, при последниот разговор со неа, тогаш осумдесет и двегодишната Вера Кумбароска од Струга сѐ уште живо се сеќаваше на времето кога во 1939 година, на нецели 16 години, се омажила за Димитар Кумбароски, син на најстарата сестра на Коца Тасова-Хаџова. Нејзината свекрва умрела во 1947 година, но во тие осум години, колку што живееле заедно, речиси немало ден Ленка да не ја спомне својата покојна сестра. Од неа Вера дознала за свршеничкиот прстен, но и за знамето на Крушевската Република, извезено со косата на Коца. Знамето што сама го извезла, Коца го донела од Костур во Струга, и до 1917 година било скриено во црквата „Свети Ѓорѓи“.

Во 1917 година Ѓорѓи и Сотир Чакарови, бегајќи заедно со Бугарите, со себе во Софија го однеле и знамето: „Во 1984 година, преку врски на наши роднини во Софија, успеав да го видам знамето со свои очи. Се растреперив и не можев да ги сопрам солзите кога ја допрев косата на тетка ми Коца. Да не го однеле Чакаровци во Софија, тоа знаме денес можеби ќе беше во некој наш музеј. На Музејот на Крушевската Република, на пример, јас му предадов повеќе предмети на Коца, меѓу кои и пелерина, полче (блуза), бојче (здолниште) и друго. Се разбира, сето тоа го предадов без никаков надомест. Дома зачував само еден нејзин фустан, пелерина и шеширче со фарош, со мрежа за над очите. Тоа е тежок фустан од црна свила, од кребањо, купен во Солун во почетокот на минатиот век. Фустанот е со пласрон, кој паѓа над градите и е сошиен по врвна мода во тоа време. Со тој фустан тетка Коца се свршила со Никола“, се сеќаваше Кумбароска.

Според неа, фустанот, стар сто години, не беше само големо национално богатство туку и нејзина приватна реликвија. Самата ни кажуваше дека често го вади од орманот, го закачува во собата и со часови го гледа замислувајќи ја неа. Гледајќи го фустанот, можела да замисли дека Коца била многу лична, стројна и висока жена; вистинска убавица. Оттука претпоставуваше дека со Никола Карев биле прекрасен пар, зашто читала дека и тој бил убавец. За жал, неговиот свршенички прстен и златната меџидија, според Кумбароска, ги собрала од куќата на своите родители најмалата сестра на Коца, Даница, која исто така била учителка. Подоцна таа прстенот и меџидијата ѝ ги подарила на сопругата на својот син Боро, всушност на снаата Љупка Чакар, правник во пензија. Прстенот бил од старо злато, тежок и уникатен, со изгравиран лик на војвода, веројатно на Никола Карев. Златната меџидија била направена од пет златни турски лири. Старицата се надеваше дека Боро и Љупка Чакар би можеле да го дадат барем свршеничкиот прстен за музеј, зашто тој е дел од македонската историја, а не само приватно богатство.

 Во него била облечена дента кога била прогласена Крушевската Република, но во него била облечена и на скромната свршувачка со Никола Карев. 

Според сеќавањата сочувани во семејството, Коца била погребана со големи почести од граѓаните на Струга во дворот на црквата „Свети Ѓорѓи“, веднаш зад олтарот. Подоцна гробот бил преместен, но и покрај тоа Ленка, најстарата сестра на Коца, секој Велигден оставала црвено јајце токму на тоа место, зад олтарот на црквата.

РКЕ одлучи: Нафтата и бензинот поскапуваат

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,46 % во однос на одлуката од 30.12.2024 година.

Малопродажната цена бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 се зголемува за 1,00 ден/лит. Малопродажните цени на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 1,50 ден/лит. Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,073 ден/кг и сега ќе 45,711 ден/кг. 

Од 9.1.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:

Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС - 95 78,00 (денари/литар)

Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС - 98 80,50 (денари/литар)

Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 72,50 (денари/литар)

Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 72,00 (денари/литар)

Мазут М-1 НС 45,711 (денари/килограм)

ДУИ со честитка за Божиќ, но и загриженост од недостигот на волја за соживот

Во духот на празничните денови, се воздржуваме од остра реторика, но не можеме да останеме неми пред агресијата на државата врз нашите колективни вредности. 

Длабоко сме загрижени и разочарани од упорната омраза, од недостатокот на волја за соживот, од упорните обиди да се потисне албанскиот јазик и да се девалвираат Албанците во овој наш заеднички дом. 

Оние што мислат дека ќе израснат рушејќи ги своите соседи, своите сограѓани, се во голема заблуда – никој не станал поголем со тоа што го омаловажувал другиот, напротив..  

Разочарани сме и од молкот на тие сограѓани што гледаат, а не реагираат. Ова не е прашање само за Албанците, ова е прашање за вредностите на оваа држава. 

Она што ние како Албанци го имаме за свето – нашиот јазик, нашето достоинство, нашето рамноправно учество во оваа земја – не може да биде постојана мета на агресија без последици по државата во целина. 

Во пресрет на Божиќните празници, на сите православни верници им посакуваме мир, хармонија и топлина во нивните домови. 

Вистинските вредности не се мерат со тоа колку ќе се намали другиот, туку со тоа колку можеме да растеме заедно, во почит и разбирање. 

Соживотот не е слабост, туку сила. Различностите не се пречка, туку богатство. 

На сите граѓани им посакуваме празници исполнети со добрина и надеж за подобро утре за сите нас.

ДУИ

Популарно