Владата на Србија веќе испратила писмо со покана до набљудувачката мисија која би ги следела локалните избори во Белград, а вчера е испратено барање до Канцеларијата за демократски институции и човекови права на ОБСЕ (ОДИХР) да испрати технички експерт и стручно лице кое ќе помогне во натамошното унапредување на единствениот изборен список, јави дописникот на МИА од Белград.
- Премиерката на Република Србија, Ана Брнабиќ иницираше средба со Мисијата на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), претставници на Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права и делегацијата на Европската Унија во Србија, на која презентираше што е направено од 2012 година до денес за ажурирање на избирачкиот список во Република Србија и креирање на максимално транспарентен избирачки список, соопштија од владата.
Брнабиќ ги информирала соговорниците дека Министерството за државна управа и локална самоуправа презело мерки за спроведување на препораката 13, која се однесува на целосно обезбедување на правото на сите изборни чинители на пристап и користење на јавните простории за кампања под еднакви услови.
Исто така, како што додадоа од Владата, имплементирана е препораката 23 која се однесува на обезбедување соодветен простор за избирачките места со цел да се спречи пренатрупаност, да се обезбеди тајност на гласањето и да се овозможи лесен независен пристап на гласачите со телесен инвалидитет.
Брнабиќ им се заблагодари на претставниците на ОБСЕ и на ЕУ за нивната институционална соработка, поддршка и отвореност за слушање, но и за „предлагање на некои дополнителни активности за кои сметаат дека ќе помогнат во изборниот процес во Србија и ќе придонесат за поголемо подобрување и контрола на избирачкиот список, со цел поуспешни изборни процеси во иднина, се наведува во соопштението на Владата на Србија.