Мицкоски: Арсовска нема капацитет за капитални проекти

Претседателот на Владата Христијан Мицкоски во Тема на денот во Централниот дневник на ТВ Сител, вели дека Данела Арсовска нема капацитет да реализира капитален проект за изградба на Булеварот „Хасан Приштина“, потенцирајќи дека иако веќе 2 години 10 милиони евра се префрлени на сметката на Град Скопје нема потрошени ниту фенинг од тие средства.

„Е сега кога сме кај тоа. Да тоа е капитален проект. Треба да е комплетен, а второ треба да се потрошени оние 10 милиони евра кои што веќе се дадени за реализација на еден таков капитален проект како што е Булеварот „Хасан Приштина“ кој што не само што не е почнат две години, туку ниту фенинг не е потрошен“, рече тој.

„Сега ако некој нема капацитет да реализира капитални инвестиции, како што е тој булевар, тој патен правец, иако морам да признам до мене стигаат многу информации дека се тргува со тие средства кој што ги има Градот Скопје на својата сметка од страна на државата префрлени, па се бараат градежни фирми кои што тоа ќе го изведуваат и итн., има институции со тоа што се занимава. Но, факт е дека тој проект не е почнат со реализација и сега кога вие ќе видите дека некои 10 милиони евра му стојат 2 години на сметка, а не инвестирал ниту фенинг од тие 10 милиони евра, тогаш логично е да го поставите прашањето зошто па и тие 10 милиони евра не си ги вратиме назад во буџетот и да ги искористиме за нешто кое што е потребно за граѓаните во некои општини кои што се по подготвени“, дециден е Мицкоски.

РКЕ одлучи: Нафтата и бензинот поскапуваат

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,46 % во однос на одлуката од 30.12.2024 година.

Малопродажната цена бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 се зголемува за 1,00 ден/лит. Малопродажните цени на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 1,50 ден/лит. Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,073 ден/кг и сега ќе 45,711 ден/кг. 

Од 9.1.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:

Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС - 95 78,00 (денари/литар)

Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС - 98 80,50 (денари/литар)

Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 72,50 (денари/литар)

Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 72,00 (денари/литар)

Мазут М-1 НС 45,711 (денари/килограм)

ДУИ со честитка за Божиќ, но и загриженост од недостигот на волја за соживот

Во духот на празничните денови, се воздржуваме од остра реторика, но не можеме да останеме неми пред агресијата на државата врз нашите колективни вредности. 

Длабоко сме загрижени и разочарани од упорната омраза, од недостатокот на волја за соживот, од упорните обиди да се потисне албанскиот јазик и да се девалвираат Албанците во овој наш заеднички дом. 

Оние што мислат дека ќе израснат рушејќи ги своите соседи, своите сограѓани, се во голема заблуда – никој не станал поголем со тоа што го омаловажувал другиот, напротив..  

Разочарани сме и од молкот на тие сограѓани што гледаат, а не реагираат. Ова не е прашање само за Албанците, ова е прашање за вредностите на оваа држава. 

Она што ние како Албанци го имаме за свето – нашиот јазик, нашето достоинство, нашето рамноправно учество во оваа земја – не може да биде постојана мета на агресија без последици по државата во целина. 

Во пресрет на Божиќните празници, на сите православни верници им посакуваме мир, хармонија и топлина во нивните домови. 

Вистинските вредности не се мерат со тоа колку ќе се намали другиот, туку со тоа колку можеме да растеме заедно, во почит и разбирање. 

Соживотот не е слабост, туку сила. Различностите не се пречка, туку богатство. 

На сите граѓани им посакуваме празници исполнети со добрина и надеж за подобро утре за сите нас.

ДУИ

Итната помош со зголемен број повици за сообраќајки и хронично болни лица

Во 2025 година, Скопје влегува со зголемен број сообраќајни несреќи и раст на повиците кон Итната медицинска помош. Како што попладнево изјавија за МИА од Итната медицинска помош во Скопје, најчесто повиците се за сообраќајни незгоди, како и хронично болни пациенти, чии јавувања се последица на временските промени и загадениот воздух во главниот град на државава.

Меѓу собраќајните незгоди има некои со потешки последици, па и со смртен исход.

Здравствени работници во изјава за МИА апелираат да не се вози под дејство на алкохол за време на претстојните празници,да се внимава при управување со возилата поради времето, особено во вечерните часови кога има услови за замрзнување на коловозот.

За претстојните божиќни празници, Итната помош ќе работи нон - стоп, а Единицата за домашна посета од седум до 21 часот.

- Известуваме дека Службата за ИМП со домашно лекување и итна стоматолошка помош при ЈЗУ Здравствен дом на Скопје, во текот на божиќните празници на 6 и 7 јануари, ќе работи со следново работно време - Службата за ИМП ќе работи 24 часа, а единицата за домашна посета ќе работи од седум до 21 часот, информираа од оваа јавна здравствена установа.

Ординациите за здравствена заштита во трета смена, недели и празници, ќе работат континуирано во двата дена и тоа во поликлиниките „Ѓорче Петров“, „Бит Пазар“, „Чаир“, „Шуто Оризари“, „Јане Сандански“, „Ченто“ и „Драчево“.

Популарно