• Иван Димовски
Екипата на Пиза е вториот директен патник во Серија А преку второлигашката конкуренција во Серија Б. Иако Пиза загуби во мечот од 37. коло на гостувањето кај Бари (1-0), поразот на Специја од Реџиана (2-1) значеше дека со две средби до крајот на сезоната овој тим е сигурен на втората позиција и заедно со Сасуоло директно оди во елитата.
Тимот на Пиза е предводен од италијанската фудбалска легенда Филипо Инзаги, а првпат по 34 години ќе игра во италијанската елита. Пиза има 72 бода, девет повеќе од третопласираната Специја и ќе го избегне плеј-офот за место во Серија А.
Борбата за местата во доигрувањето е густа, Специја е сигурна, во добра позиција се Кремонезе и Јуве Стабиа, а до крајот борба за преостанатите три позиции ќе водат Катанцаро, Палермо, Бари, Чезена, Модена, Судтирол, Карарезе...