Макфест по 38-ми пат – сплет на традиција и нова енергија

21 октомври 2023

Макфест вчеравечер не потсети што значи успешно да се опстојува како фестивал 38 години по ред.

Уште еднаш публиката имаше можност да ужива во прекрасна македонска музика, да посведочи на млада пејачка надеж и да се увери дека Макфест и понатаму ќе раѓа и промовира квалитетни песни и одлични изведувачи.

Вкупно 13 композиции во рамки на првата вечер, го најдоа своето место на сцената, под рефлекторите, пропратени со интересен настап, стајлинг и визуелни ефекти.

Секоја песна раскажа посебна приказна за себе и за изведувачот кој ја донесе на првата Макфестовска вечер.

Организацијата беше на високо ниво, сцената во Домот на културата „Ацо Шопов" во Штип изгледаше светски, а публиката со задоволство ја следеше програмата.

Пред самиот старт на Макфест, чијшто слоган годинава е Фестивалска симфонија за цела Македонија поразговаравме со Антонио Димитриевски за годинешната организација на фестивалот.

Мислам дека последниве две години, оваа екипа се обиде Макфест да го ајпдејтува со различни модерни содржини, како на музички план, така и на органзациски и технички план. Сите песни и оние кои се за повозрасни имаат модерно пакување, модерни звуци. Секоја песна има и своја визуелна приказна, специјално креирана за неа, соодветна на нејзините стихови.Со цел да се доближиме колку што можеме повеќе до младата публика социјалните мрежи беа максимално искористени. Макфест беше насекаде промовиран, рекламиран... Денес еве покрај директниот пренос имаме вклучено и три радија, две национални и едно локално, кои исто така го пренесуваат фестивалот. Мислам дека во однос на промовирањето и достапноста до информации за Макфест годинава направивме квантен скок.

Првата вечер од 38-от по ред Макфест, помина во знакот на младите изведувачи, нивната енергија и сценскиот настап. Секој од нив се потруди да се покаже во најдобро светло, како со извeдбата и композицијата така и со стајлинот.

Силви убедливо доминираше со својата раскошна тоалета, креација на ЕЛЕНА ЛУКА..

Вечерва сум облечена во креација на нашата исклучителна ЕЛЕНА ЛУКА со која соработувам со голема чест и задоволство и секогаш наидувам на многу разбирање и многу добра волја. Навистина сум благодарна и среќна поради одличната соработка. Тимот на ЕЛЕНА ЛУКА грижливо се погрижи за мене и конечниот избор беше токму оваа гламурозна тоалета на обострано задоволство. Многу сум емотивно поврзана со Макфест, тука се случи нашата Ангели ме носат што и ден денес сите ја пеат. Многу интересни беа и моментите зад сцената каде што сите се забавуваме, собрани околу клавирот сите пеевме, се дружевме. Нам не ни беше важно дали некој влегол во финале или дали сме добиле награда или не. Дружбата беше она најважното што нема никогаш да се заборави.

Видовме класични, но и посмели изданија. Некои од изведувачите довербата им ја дале на дизајнерите, додека други се потрудиле сами да се стилизираат.

Еден интересен стајлинг имаше и младиот изведувач Џокер, којшто во целост наликуваше на негативецот од познатиот филм Бетмен.

Со оглед на тоа што прв пат учествувам, сум презадоволен, настапот помина одлично и се надевам дека и се допаднав на публиката. Песната е лично моја, од текст, аранжман и музика...Што се однесува до стајлингот и за него се погрижив лично јас. Идејата да се појавам како Џокер ја имав уште одамна. Редовно следам домашна, балканска и странска сцена... овој лик е познат како негативец, па сакав да направам нешто поразлично, невидено и интересено. Идејата за песната Кошула бела ми дојде спонтано, немав некоја посебна инспирација, текстот и музиката се залепија еден за друг коцките некако се споија и така настана и песната.

Од сценски костими со пердувести детали и кристали, па се до класични вечерни тоалети и одела, сите изведувачи ги имаа своите пет минути на сцената да заблескаат, но и да остават свој печат на овој наш фестивал кој веќе испишува историја.

На крајот на вечерта беа избрани пет изведувачи коишто ќе ги видиме и на втората вечер, а тоа се Александра Трајчевска, групата Blue, Драгана Јовановска, Јасмин Алиевски и Тијана Периќ.

Макфест втора година по ред нема натпреварувачки карактер, се доделува награда за најслушна песна во текот на годината. Оваа година со над 27 милиони прегледи на Youtube е песната Бела изведена од Пајак и Лара.

Втората фестивалска вечер ја спои традицијата и емоцијата со новата енергија на музичката сцена

По 30 години, на втората фестивалска вечер на сцената на Макфест се врати Владо Јаневски и тоа веројатно ќе биде еден од оние сентиментални моменти по кои ќе го паметиме ова 38-издание. Владо нè врати во времето на „чаирската романтика" со „Златни години", песна која уште во насловот ја навестува својата емотивна вредност. За голем поздрав е и што Владо се потрудил и околу сценскиот стајлинг, со избор на еден комплетно џентлменски изглед со сите нишани, вклучувајќи и шешир – цилиндар и фрак со кариран дезен.

„За мене првиот Макфест имаше посебна емотивна вредност. Јас дете кое никој не го знае, само со еден голем мерак за музика и одеднаш застанувам на една бина каде што сега ќе настапувам, само што јас веќе не сум истиот. Тогаш таа бина за мене била како Вембли, бројна публика, многу светла... И така ми се имаат вмрежано тие 3-4 минути на сцената во 1986-та, ако тогаш мене никој не ме виде, но јас го видов Макфест", со емотивен говор се присети Владо на своите почетоци на Макфест.

Вера Јанковиќ - дамата симбол на овој фестивал, вчервечер на задоволство на макфестовските фанови се врати на сцена, овојпат во улога на презентер и низ еден емотивен времеплов ја наврати публиката на златните години на фестивалот.

Марија Таушанска, долгогодишен новинар во „Нова Македонија", фасцинантна 31-на година новинарски со проследува Макфест. Што значи 31 пат да се посети Макфест, какво е искуството со нас сподели почитуваната новинарка.

„Тоа е прво лојалност. Јс сум тука како дома. Прв пат дојдов после породилно. На работа шефицата ми рече: Ајде Марија си била дома цело време, сега е време да смениш малце. И од тогаш се заљубив во Макфест, во Штип, во таа атмосфера. Тука и ги славев родендените, 9-ти октомври ми е роденден и имам многу убави доживувања. Макфест е столб на македонската забавна музика, хитовите од Макфест уште се слушаат. Во 90-те овде беше врвулица од ѕвезди, странски, југословенски, се пееше на други јазици... Деца трчаа по автограми. Имаше некоја посебна струја во воздухот, некоја енергија", се присетува Марија.

Годинешниов Макфест на сцена врати и познати музички имиња и повеќекратни победници на фестивалот како Андријана Јаневска со „И без тебе можам", Ламбе настапи во дует со Полина, а Александар Тарабунов имаше интересен сценски настап со кој му даде и визуелно-сценска симболика на насловот „Тажен славеј".

Сценската мода донесе различни вибрации. Дел од изведувачите се потрудиле визуелната да ја надополни музичката приказна, а со тоа да понудат едно целосно доживување на сцената која не е едноставно да се задоволи, додека други се држеле до безбеден и сигурен избор оставајќи фокусот да биде на музиката.

Во глеријата ви пренесуваме дел од фестивалската атмосфера.

 

Објавено:
21 октомври 2023
Категорија: 
Култура