Возило удрило во рекламно пано и бетонски ѕид

Сподели

СВР Охрид поднесе кривична пријава, против Љ.О. (52) од село Белчишта, општина Дебрца, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 30.05.2025 во с.Белчишта, полициски службеници извршиле претрес во домот и помошни простории на пријавениот, при што биле пронајдени и одземени марихуана и стебла и гранки од растението канабис.

СВР Битола поднесе кривична пријава против М.Г.(37) од Прилеп, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 01.06.2025, полициски службеници извршиле контрола на патничко возило „форд“ во кое биле четири лица од Битола, при што била пронајдена и одземена марихуана, која претходно ја набавиле од пријавениот.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против Е.С.(34) од с.Требиште, општина Маврово и Ростуше, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги и психотропни супстанци и прекурзори“ На 14.03.2025 во с.Требиште, полициски службеници извршиле претрес во домот и помошните простории на пријавениот, при што била пронајдена и одземена марихуана.

На 08.06.2025 околу 18.20 часот во СВР Охрид било пријавено дека на бул.„Туристичка“ во Охрид се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „мерцедес“ со српски национални ознаки, управувано од Д.С.(48) од Република Србија и велосипед управуван од Е.И.(70) од Охрид. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил велосипедистот, констатирани во Општа болница во Охрид. Извршен бил увид од увидна екипа на СВР Охрид.

На 08.06.2025 во 13.25 часот во ОВР Прилеп било пријавено дека на патот Прилеп-манастир „Трескавец”, на место викано „Под манастир“, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „кадилак“ со американски национални ознаки, управувано од З.К.(42) од Република Србија, со привремен престој во Прилеп и мотоцикл „хамачи“ со прилепски регистарски ознаки, управуван од Т.С.(64) од Прилеп. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил мотоциклистот, додека со телесни повреди неговата сопатничка С.С.(56) од Прилеп и возачот на патничкото возило „кадилак“, констатирани во Градската општа болница Прилеп. Извршен бил увид од увидна екипа на ОВР Прилеп.

На 08.06.2025 во 14.30 часот во СВР Тетово било пријавено дека на локалниот пат Бродец-Вешала, тетовско, патничко возило „бмв“ со тетовски регистарски ознаки, управувано од Р.Б.(20) од с.Бродец, излетало од патот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил сопатникот Ш.П., додека со телесни повреди возачот и другиот сопатник Ш.Ф., констатирани во Клиничка болница Тетово. Извршен бил увид од увидна екипа на СВР Тетово.

На 08.06.2025 во Скопје, на подрачјето на општина Аеродром, полициски службеници од СВР Скопје го лишиле од слобода Д.А.(39) од Скопје затоа што кај него билa пронајденa и одземенa марихуана. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

На 08.06.2025 околу 16.30 часот во СВР Скопје било пријавено дека на бул.„Македонско –  косовска бригада“ во Скопје, патничко возило „бмв“ со скопски регистарски ознаки, управувано од А.К.(32) од Скопје, удрило во рекламно пано и бетонски ѕид. Во несреќата со  тешки телесни повреди се здобил малолетен сопатник во возилото, додека со телесни повреди се здобиле возачот, уште еден малолетен сопатник и сопатникот С.С.(25), сите од Скопје, констатирани во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје, а по наредба на јавен обвинител возачот А.К. бил лишен од слобода и против него ќе биде поднесена пријава по член 297 и 301 од Кривичниот законик.

На 08.06.2025 во 16.40 часот во СВР Битола, Ѓ.М.(40) од Ресен пријавил дека на плажата во с.Сливница, ресенско, пронашол неексплодирана граната. Од пиротехничар од Дирекцијата за заштита и спасување гранатата била безбедно подигната и било констатирано дека се работи за артилериска граната 65 мм од Првата светска војна.

На 08.06.2025, полициски службеници од СВР Скопје ги привеле А.С.(45) од Република Бугарија, со престој во Скопје и Д.Ј.(38) во Скопје, постапувајќи по претходна пријава дека околу 22.30 часот на подрачјето на општина Аеродром во Скопје го нарушиле јавниот ред и мир со меѓусебна физичка пресметка. Тие биле задржани во полициска станица и по целосно документирање на случајот против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 08.06.2025 во 20.56 часот во СВР Штип било пријавено дека Р.Ш. од с.Балталија, штипско, на патот од с.Степанци кон с.Пухче, штипско, на  место викано Киразлк во атар на с.Степанци, пронашол коски слични на човечки. Пронајденото било подигнато за понатамошна постапка и за настанот бил известен јавен обвинител. Се работи на расчистување на случајот.

На 08.06.2025 во 07.40 часот во СВР Скопје било пријавено дека на подрачјето на Гази Баба настанал пожар во склад за градежни материјали, сопственост на О.Б.(55) од Скопје. Повредени лица нема, а од екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје пожарот бил изгаснат. За настанот бил известен јавен обвинител и се преземаат мерки за негово расчистување.

На 08.06.2025 во 13.20 часот во СВР Тетово било пријавено дека на непристапен терен на падините на врвот „Љуботен“ има повредено лице и потребно е негово извлекување. Во 19.45 часот со хеликоптер од АРМ подигнато е повреденото лице Ј.С.(57) од с.Рогачево, тетовско и е транспортирано во Комплексот клники „Мајка Тереза“ во Скопје за укажување помош. Додека, полициски службеници и месното население од местото во добра здравствена состојба биле преземни и лицата Ф.Ф.(45) од Скопје  и С.С. од с.Рогачево, по што биле пренесени во с.Старо Село, тетовско.  

Денеска (09.06.2025) во 00.35 часот во Скопје, на подрачјето на Кисела Вода, полициски службеници од СВР Скопје го привеле В.Т.(39) од Скопје, постапувајќи по претходна пријава дека физички ги нападнал неговата 36-годишна партнерка и нивниот малолетен син. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

На 08.06.2025 во 20.30 часот во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје, со наредба од Основен кривичен суд Скопје го лишиле од слобода А.Р.(29) од Скопје, постапувајќи по претходна пријава дека во семејниот дом на подрачјето на Бит Пазар физички ја нападнал неговата 33-годишна сопруга, при што употребил и тврд предмет. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.

На 08.06.2025 во 20.50 часот во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје го привеле А.Г.(53) од скопско село, постапувајќи по претходна пријава дека околу 19.30 часот во семејниот дом, тој и неговата сопруга В.Г.(51) го нарушиле јавниот ред и мир со меѓусебна физичка пресметка, при што употребиле и тврди предмети. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

На 08.06.2025 во 19.36 часот во СВР Скопје, Д.Ќ.(50) од Скопје пријавил дека околу 15.00 часот на неговата тераса на подрачјето на Кисела Вода пронашол заталкано зрно од огнено оружје. Полициски службеници од СВР Скопје го подигнале зрното за понатамошна постапка. Се работи на расчистување на случајот.

На 08.06.2025 во 03.15 часот на подрачјето на Карпош, полициски службеници од СВР Скопје го пронашле А.Х.(13), за кој на 11.05.2025 од Јавна установа за згрижување деца беше пријавено дека се оддалечил од установата.