Салах го продолжи договорот со Ливерпул

Најдобриот египетски фудбалер и напаѓач на Ливерпул, Мохамед Салах стави крај на месечните шпекулации за неговата иднина потпишувајќи го продолжувањето на договорот со клубот од „Енфилд“, објави во петокот англискиот премиерлигаш.

Салах во Ливерпул пристигна во 2017 година од италијанскиот клуб Рома, а летово можеше без обештетување да го напушти водечкиот тим во Премиер лигата, бидејќи имаше договор до крајот на јуни.

Ливерпул не објави детали за новиот договор, но англиските медиуми пренесуваат дека Салах го продолжил договорот до крајот на јуни 2027 година.

„Секако дека сум многу возбуден. Сега имаме одличен тим. Имавме одличен тим и претходно, но потпишав затоа што мислам дека имаме шанса да освоиме повеќе трофеи и ќе уживам во фудбалот“, изјави 32-годишниот Египќанец за клупскиот онлајн портал.

“Играв осум години, се надевам дека ќе бидат десет. Уживам во животот овде, уживам во фудбалот. Ги живеев најубавите години во мојата кариера”, додаде Салах, а потоа им испрати порака на навивачите:

„Многу, многу сум среќен што сум овде. Потпишав затоа што верувам дека можеме да освоиме многу големи трофеи заедно. Продолжете да не поддржувате и ќе дадеме сѐ од себе – и се надевам дека ќе освоиме повеќе трофеи во иднина“.

Салах оваа сезона одигра вкупно 45 натпревари за Ливерпул, а постигна 32 гола и имаше 22 асистенции. Вкупно, тој забележа 394 настапи за тимот од Енфилд, постигнувајќи 243 гола и 111 асистенции.