Во чест на трагично починатиот пејач Андреј Ѓорѓиевски од групата ДНК, во близина на скопското кафуле „Шо има“ изработен е мурал кој го овековечува неговиот лик и уметност.
Муралот е иницијатива на сопственикот на кафулето, Дамјан Јордановски, кој преку објава на Инстаграм сподели колку многу значел Андреј за него и за посетителите на локалот. Тој напиша дека секојдневно ја споделувал љубовта кон него преку музиката на ДНК која постојано се слушала таму.
„Тргнувајќи од себе, љубовта кон Андреј и ДНК секојдневно ја пренесував низ нивните песни во кафулето, толку ги слушав што почнаа да ми викаат: ‘досаден си, Дамјан, дај смени’“, напиша тој.
Дента кога се случила трагедијата, Дамјан раскажува дека отишол сам во кафулето да чита книга, обидувајќи се да се справи со шокот, кога ја слушнал веста за смртта на Андреј.
„Затоа решив трите работи што ми значат – кафулето, Андреј и омилената песна – да ги спојам во едно. Ова е најмалку што можев да направам“, додава тој во објавата.
Муралот ќе остане како симболична и трајна почит кон пејачот, кој со своите песни ги обединуваше генерациите.
„Андреј ќе живее вечно – како низ песните, така и преку муралот што ќе нè потсетува на неговото дело и ќе ни буди добри спомени“, порачува Дамјан.