Македонија учество на Меѓународниот саем за одбрана и безбедност

Лафчиски: Имаме плодна билатерална соработка со Грција

Попладнево ќе се сретне со началникот на Генералштабот на вооружените сили на Грција, Димитриос Хупис, на кој, како што истакна за МИА, пред сè ќе му се заблагодари за грчката помош по трагичниот пожар во дискотеката во Кочани.

Лафчиски: Имаме плодна билатерална соработка со Грција

Имаме плодна соработка со Грција и во таа насока ќе продолжиме, како во доменот на специјалните сили, така и во доменот на конвенционалните сили. Грција е наш голем поддржувач по многу основи, вели началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајор Сашко Лафчиски во разговор со дописничката на МИА од Атина, за време на неговото учество на Меѓународниот саем за одбрана и безбедност ДЕФЕА 25, што од денеска до четврток се одржува во Атина.

Началникот на ГШ на Армијата, присуствуваше на свеченото отворање на Саемот на кое меѓу другите се обрати и грчкиот министер за одбрана Никос Дендиас, ги посети штандовите на изложувачите, а попладне ќе оствари средба со неговиот грчки колега, началникот на Генералштабот на вооружените сили на Грција, Димитриос Хупис.

Ова е прво учество на генерал-мајор Лафчиски на Меѓународниот саем за одбрана и безбедност што се одржува секои две години, а за МИА посочува дека во Атина е на покана на началникот на Генералштабот на вооружените сили на Грција.

– Се работи за голем саем, од информациите што ги добивме во подготвителниот пакет, ќе се претстават 436 компании од 37 држави. Нашиот фокус ќе биде на она што е поврзано со развојот и модернизацијата на Армијата, пред сè приоритет ќе дадам на компаниите кои ќе изложат свои производи од доменот на конвенционалните сили, секако и од доменот на комуникациско-информатичките системи, така да очекувам дека ќе имаме плоден ден, денеска, но и утре за да можеме да се запознаеме со новините и во која насока се движат одбранбените капацитети, истакнува началникот на ГШ на Армијата.

Попладнево ќе се сретне со началникот на Генералштабот на вооружените сили на Грција, Димитриос Хупис, на кој, како што истакна за МИА, пред сè ќе му се заблагодари за грчката помош по трагичниот пожар во дискотеката во Кочани.

– Меѓу другото, очекувам да биде мој гостин веќе следниот месец, каде што и официјално ќе му се заблагодарам за понудената помош за трагичниот настан во Кочани, нагласи генерал-мајор Лафчиски.

Откри дека на денешната средба, освен за впечатоците од самиот саем, ќе разговараат и за досегашната соработка на билатерално ниво, но и во рамки на НАТО Алијансата и во останатите организации од кои се дел и двете земји.

– Во текот на овој месец, по нашата средба на воениот комитет во Брисел, ќе учествуваме заедно и на конференцијата Б9 која е организација на началниците на Генералштабови од Југоисточна Европа. Имаме плодна соработка. Во тој контекст и во таа насока ќе биде понатаму и нашата соработка, ќе продолжи и во доменот на специјалните сили, ќе продолжи и во доменот на конвенционалните сили. Грција е наш голем поддржувач по многу основи и секако оваа соработка ќе продолжи и во иднина, истакна Лафчиски.

Во разговорот за МИА, началникот на Генералштабот се осврна и на меѓународните воени вежби, најавувајќи ја следната на која домаќин ќе биде нашата земја.

– На крајот на месец мај и на почеток на јуни на армискиот полигон во Криволак ќе се организира една голема меѓународна вежба во организација на вооружените сили на САД за Европа, каде што домаќин ќе биде нашата Армија. Покрај Армијата и покрај вооружените сили на Соединетите Американски држави ќе има учество и на останати земји-членки на НАТО и партнери, меѓу кои ќе бидат и вооружените сили на Грција, така да тоа ќе биде одлична можност и началникот на Генералштабот на вооружените сили на Грција да биде дел од овој Ден за високи гости што ќе се одржи на 2 јуни, објаснува генерал-мајор Лафчиски.

Атина секои две години е домаќин на Меѓународниот саем за одбрана ДЕФЕА 2025, а оваа година се одржува од 6 до 8 мај со учество на 436 изложувачи од 37 земји, 18 меѓународни павилјони од клучни глобални играчи, 98 официјални делегации од министерствата за одбрана и вооружените сили, а стотици водечки компании за одбрана и безбедност од целиот свет, ќе презентираат најсовремени технологии, системи и решенија во копнени, морски, воздушни и сајбер домени.

Најнови вести од Македонија

To top