Палевски: Не сум ги извршил ниту убиствата, ниту грабнувањата немав мотив за тоа

Со сведочење на Љупчо Палевски во Кривичниот суд продолжи судењето за грабнувањата и убиствата на Вања Ѓорчевска од Скопје и Панче Жежовски од Велес. Палевски преку прашањата на неговиот адвокат Јовица Страшевски кажа дека доказите на Јавното Обвинителство му се подметнати.

Според Палевски наместените докази биле ставени во обвинението за другите четворица обвинети во овој случај, а не во неговото обвинение, па затоа тој првпат можел да ги види доказите против него откако двете обвиненија биле споени, а главната расправа веќе почната. За дејствијата, шест месеци пред убиствата на Ѓорчевска и Жежовски, Палевски посочи за настанот во Демир Капија, затоа што тогаш му бил одземен пиштолот што го поседувал со дозвола.

„Не сум ги извршил убиствата и грабнувањата. Во депото на скопското Обвинителство, се наоѓа хард диск кој ми го одзедоа и каде што има 200 000 разговори на политичката елита и новинарската професија. Ако сум сакал да остварам било какво користољубие, сум можел да уценувам милијардери со „ферари“, но тоа не сум го направил.“ - Љупчо Палевски.

Палевски кажа и за својат релација со останатите на обвинителна клупа за овој случај.

„Велибор Манев, Боре Видевски, Влатко Кешишев ги познавам од партијата „Десна“, а за Александар Ѓорчевски првпат дознав во кривичната пријава.“ - Љупчо Палевски.

Љупчо Палевски преку своите одговори го критикуваше и шефот на скопското ЈО Гаврил Бубевски и тогашниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, ги нападна обвинителките, судот и медиумите.

Љупчо Палевски во судницата зборуваше и за патување во Белград, како и Турција, а раскажа и негово видување на апсењето и екстрадицијата во Македонија. Расправата продолжува во среда со распит на Љупчо Палевски од страна на неговиот адвокат Јовица Страшевски.