Прв и единствен рекреативен парк за кучиња со хотелско сместување во Скопје
- Центарот „АвАв хепи дог“ не е само хотел и дневна градинка за миленици – тоа е оаза на грижа, социјализација и хуманост, каде љубовта е водилка, а секое куче добива внимание како член на семејството.

СКОПЈЕ (АА) - На периферијата на главниот град Скопје, во Северна Македонија, тивко и посветено се гради еден поинаков свет за кучињата, јавува Анадолу.
Центарот „АвАв хепи дог“ не е само хотел и дневна градинка за миленици – тоа е оаза на грижа, социјализација и хуманост, каде љубовта е водилка, а секое куче добива внимание како член на семејството.
Наде Богоевска, која е основач и сопственик на центарот за миленици, одлучила освен за своето милениче, да се грижи и за останатите миленичиња така што ќе изгради ваков тип сместување за животните, каде што им се пружа неизмерна љубов и нега.
„Љубовта за да се искреира ваков пет-центар е родена уште од најмлади години“, вели таа за Анадолу, додавајќи дека центарот за миленици функционира со повеќе услужни единици и е во склоп на невладина организација којашто дел од профитот го одделува за бездомните кучиња.
Додава дека сè започнало од детството, кога од џепарлакот купувала храна за уличните кучиња. Денес, таа љубов е преточена во комплекс кој секојдневно се развива.
- Грижа и активна нега за милениците
Центарот вклучува дневна нега за кучињата, а тимот на „АвАв хепи дог“ лично ги презема милениците од домовите на сопствениците и ги враќа по завршувањето на активностите.
„Градинката е дел на дневната нега на милениците, овозможување на слободното време на секој сопственик, каде што ‘Ав-ав’ со свое возило доаѓа во вашиот дом и го презема кученцето, го враќа, тука во нашиот пет-центар, има дневна нега од 8 часа, којашто е распределена со активности на јадење и нивно дружење.“
Дополнително, сопствениците добиваат писмен извештај за тоа како поминал денот на нивниот миленик.
- Хотелски третман со личен пристап
Кога сопствениците заминуваат од градот, хотелот во склоп на центарот им нуди топол престој на милениците.
„Хотелот како хотел, освен стандардите што се грижевме на просторното изгледање, да го доближиме моментот дека не се боксови, а се соби. Најголемиот момент којшто им е битен на кучињата и сопствениците е негата на персоналот и човекот којшто се грижи за нив“, вели Богоевска.
Таа објаснува дека персоналот е стручно обучен, а грижата се состои не само во храна и безбедност, туку и во постојано галење и игра со кученцата.
- Социјализација и адаптација според карактерот на кучето
Во рамките на центарот постои и рекреативен парк каде што кучињата учат да се социјализираат. Тоа е особено важно во земја каде, како што вели Богоевска, не постои системска едукација за сопствениците на миленици.
„Од таа причина приемот во пет-центарот на секој клиент е од страна на обучен персонал каде што се прави запознавање на кучето и човекот кој се грижи за него. Оттука во тие 24, може да се и 48 часа, се запознаваме со кученцето и тоа со нас“, вели таа.
Кученцата соодветно на нивниот карактер се вклучуваат во групи за дружба, а целта е да се чувствуваат пријатно и слободно, без присила.
Во центарот исто така се организираат и родендени за милениците, базари и донации за бездомните кучиња, сѐ во духот на една идеја – дека кучето заслужува не само дом, туку и заедница која го сака и го разбира.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.