• Саше Љолес
Грчкиот фудбалски гигант, Олимпијакос, ќе му биде многу благодарен на францускиот ПСЖ за нивниот пласман во финалето од Лигата на шампионите.
Можеби првава реченица звучи малку чудно, но со пласманот на ПСЖ во мечот за трофејот, автоматски значеше дека шампионот на Грција доаѓа до можност за директен настап во елитниот континентален ранг.
Интер и ПСЖ го обезбедија учеството и преку регуларниот дел од сезоната, а тоа ѝ даде можност на УЕФА да распредели уште едно место на послаборангираните лиги. 36 екипи имаат гарантирано место во Лигата на шампионите, што значи дека Олимпијакос влегува како актуелен првак од првенството и минатогодишен освојувач на Конференциската лига.
Олимпијакос нема да игра во квалификациите и ќе се подготвува за најмаку осум меча во групната фаза. Последен пат грчкиот тим играше во елитата во сезоната 2020/21.