Економија
НБРМ: Kаматната стапка на благајничките записи се намалува, другите каматни стапки се непроменети

Вчера се одржа редовна седница на Извршниот одбор за поставеноста на монетарната политика на Народната банка, на која беа разгледани најновите податоци и информации за светската и за домашната економија и најновите случувања на меѓународните и на домашните финансиски пазари во контекст на поставеноста на монетарната политика.
На седницата беше оценето дека и покрај досегашните релативно поволни трендови, ризиците и натаму постојат и се понагласени. Оттука, беше одлучено да се продолжи со внимателното нормализирање на поставеноста на монетарната политика. Следствено, на седницата беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да се намали за 0,2 п.п., на нивото од 5,35%. Каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена се непроменети. Непроменета е и понудата на благајничките записи на редовната аукција и изнесува 10 милијарди денари.
Ваквата промена во монетарната поставеност е одраз на поволните трендови кај инфлацијата и девизни резерви, а при и понатаму присутни и понагласени ризици поврзани со надворешното окружување. Покрај ова, има и ризици од домашните фактори коишто влијаат врз агрегатната побарувачка. Во однос на надворешните ризици, најавата за воведување нови протекционистички мерки може да предизвика повторно глобални инфлациски притисоци. Променливоста на пазарите на примарните производи, исто така, е забележлива, под влијание на нестабилниот геополитички контекст и климатските фактори. Во однос на политиката на Европската централна банка (ЕЦБ), како фактор којшто Народната банка исто така го има предвид, на последната седница во јануари, беше донесена одлука за намалување на каматните стапки за по 0,25 п.п., што е петто намалување од јуни минатата година, велат од НБРМ.
Според соопштеното, и натаму се очекува дека нивото на каматните стапки, заедно со досегашните промени кај задолжителната резерва и преземените макропрудентни мерки ќе придонесат за ценовна стабилност на среден рок и за стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото.
Инфлацијата се движи во рамките на очекувањата. Годишната стапка на инфлација во декември 2024 година изнесува 4,4% и очекувано се задржа на слично ниво како во ноември, под влијание на споредбената основа во истиот период претходната година, заради мерките преземени тогаш за привремено ограничување на растот на цените. Годишната динамика на цените на храната и на базичната инфлација и натаму е стабилна, додека падот кај цените на енергијата умерено забавува. Притоа, остварената просечна стапка на инфлација во 2024 година изнесува 3,5% и е на исто ниво со проектираната стапка, според октомврискиот циклус проекции. Во јануарските анкети на ЕК за очекувањата на потрошувачите преовладуваат очекувања за намалување на цените во следниот период. Во однос на очекувањата за берзанските цени на примарните производи, според најновите прогнози за 2025 година, направена е нагорна ревизија кај цената на нафтата, а надолна кај основните прехранбени производи. Иако инфлациските движења се во согласност со очекувањата, ризиците постојат и потребно е внимателно следење.
Состојбата на девизниот пазар во континуитет е стабилна и движењата се поволни. Минатата година девизните резерви остварија раст, малку повисок од очекуваниот, со што нивото на девизните резерви на крајот на декември достигна 5.019 милиони евра. Ова е соодветно ниво за одржување на стабилноста на курсот на домашната валута. Растот главно произлегува од откупот на девизи на девизниот пазар од страна на Народната банка. Во однос на последните расположливи податоци од надворешниот сектор, трговскиот дефицит во периодот октомври ‒ ноември 2024 година засега е понизок во споредба со очекувањата за четвртиот квартал од октомврискиот циклус проекции. Остварувањата на менувачкиот пазар заклучно со крајот на декември се во согласност со проектираните нето-приливи од приватните трансфери.
Во однос на економскиот раст, расположливите високофреквентни податоци за периодот октомври – ноември упатуваат на натамошен раст во последниот квартал на 2024 година. Имено, градежништвото и прометот во угостителството бележат забрзан реален раст, а движењата во индустријата во четвртиот квартал се слични, што е во прилог на очекувањата за мало забрзување на економскиот раст во последниот квартал на 2024 година, за разлика од трговијата каде што реалниот раст е поумерен. Во однос на ризиците за растот во следниот период, тие и натаму постојат и се поврзани пред сѐ со случувањата во надворешното окружување, но и со интензитетот и динамиката на остварувањето на домашните инфраструктурни проекти.
Во монетарниот сектор, депозитите и кредитите бележат солидни стапки на раст заклучно со декември и движењата се значително подобри од очекувањата за последниот квартал од годината, укажувајќи на поголема кредитна поддршка на економијата од очекувањата.
Општо земено, последните остварувања кај клучните макроекономски показатели, како и согледувањата во однос на нивната идна патека, создадоа можност за натамошно внимателно нормализирање на монетарната политика. Ризиците од надворешното окружување и понатаму постојат и се понагласени, а будно се следат и ризиците од домашните фактори коишто можат да влијаат врз побарувачката и врз цените во следниот период. Оттука, водењето внимателни макроекономски политики ќе биде приоритет и во иднина. Народната банка и натаму е подготвена да ги употреби сите неопходни инструменти и да презема соодветни мерки со коишто ќе се придонесе за задржување на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото и ценовната стабилност на среден рок, истакнуваат од НБРМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Николоски: Македонија добива голем сојузник во Британија и стратешко партнерство

Македонија постигна договор за стратешко партнерство со Велика Британија, кој, според вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, претставува историски исчекор за земјата и нејзино позиционирање на светската сцена.
На гостувањето во централниот Дневник на телевизија Сител, Николоски изјави дека договорот е резултат на повеќегодишен процес кој започнал уште додека биле во опозиција, потенцирајќи дека станува збор за „највисоко можно ниво“ на билатерални односи со една од највлијателните земји во светот.
„Сметам дека вчерашниот ден ќе остане запаметен како историски и ќе се бележи во историјата на Македонија. Постигнавме стратешко партнерство со втората светска сила“, истакна Николоски, додавајќи дека Велика Британија е „единствената кралска империја која преживеа, нуклеарна суперсила и земја со глобално културолошко влијание“.
Според него, овој договор ја става Македонија на радарот на британскиот премиер и значително ќе придонесе како на политички, така и на економски план.
„Да успееме да дојдеме на мапата на премиерот на Велика Британија и да се постигне ваков договор, зборува многу. Ова ќе значи многу за Македонија, особено во делот на политиката и економијата“, рече тој.
Николоски посочи дека за Македонија е особено важно да има големи сојузници, како што се Велика Британија и САД, ако сака да ги заштити своите национални интереси и човековите права на Македонците.
„Големите битки се добиваат со големи сојузници. Ние не можеме да се бориме ниту за човековите права, ниту за нашите интереси без поддршка. Овој договор покажува во каква позиција сме денес“, заклучи Николоски.
Тој соопшти дека следната недела во Лондон ќе се потпише Договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство, по принцип Влада со Влада.
„Ова беше процес кој што траеше со месеци, ексклузивно ќе кажам дека уште кога бевме во опозиција оствaривме иницијални контакти на оваа тема. Остваривме стратешко партнество со втората светска сила. Договорот за стратешко партнерство е со голем сојузник“, изјави вицепремиерот Николоски.
Тој додаде дека Коридорот 8 и Коридорот 10 треба паметно да се искористат, два договори кои ги вклучува политичката соработа.
Договорот Влада со Влада каде ќе се воспостави партнерстово со Велика Британија.
„Транспорт и здравство се најважни сегменти на овој договор Влада со Влада. Имаме неограничена временска рмка за користење на овие расположливи средства. Во мометнот имаме спремни два проекти кои се околу 2,2 милијарди евра. И тоа се првите проекти со кои ќе стартуваме“, рече Николоски.
Брза железница на коридорот 10 е едниот проект и ќе се користи постојната рута. Вториот проект е изградба на Клиничка болница во Штип.
Николоски оцени дека ова партнерство значи инвестиции во транспортот, здравството, образованието, одбраната, нови работни места и силна економија и стратешка позиционираност на Македонија.
Компании
Самир Мане беше единствениот претставник од регионот на „FII PRIORITY Europe Summit“

Албанската престолнина беше домаќин на еден од најпрестижните меѓународни форуми во светот — „FII PRIORITY Europe Summit“, кој за првпат се одржа во Тирана на 16–17 мај 2025 година.
Овој самит ги обединува светските лидери од владите, бизнис-секторот, науката, технологијата и филантропијата, со цел да се дискутираат глобалните приоритети што ја обликуваат иднината во клучен момент за човештвото. Главната тема на ова европско издание на „FII PRIORITY“ беше: „Приоритизирање за поодржлива, поправедна и попросперитетна иднина“.
Самир Мане, претседателот на „BALFIN Group“, беше единствениот официјален претставник од Албанија поканет да учествува на дискусионите панели заедно со некои од највлијателните личности од светот. Тој учествуваше на главниот панел со наслов „Board of Changemakers“: Може ли капиталот да го поврзе расцепканиот свет?, каде што ја делеше сцената со меѓународни лидери од политиката и финансиите.
За време на самитот, г. Мане одржа средби и размени мислења со високи личности како Матео Ренци, поранешен премиер на Италија, Бернард Менсах, претседател на „Bank of America International“, Анри Пупар-Лафарж, извршен директор на Alstom, меѓу другите.
еговото учество на самитот како глас на регионалниот бизнис го истакнува и неговото лично лидерство, и сè поголемата улога на Западен Балкан во обликувањето на идниот развој на Европа и пошироко.
„FII PRIORITY Europe Summit“ е дел од серија глобални форуми кои промовираат меѓусекторски дијалог и поттикнуваат конкретна акција за справување со најгорливите предизвици на денешницата, вклучително и климатските промени, одржливиот развој и технолошката трансформација.
Комерцијален текст
Економија
Голем проблем за Швајцарците, ова лето остануваат без 1.400 летови

Поради недостиг на пилоти, швајцарската авиокомпанија „Swiss“ откажува 1.400 летови ова лето, што е вкупно 1,5 проценти од летовите од април до септември.
Мерката се однесува на летови на долги релации, како и на мрежата на летови на кратки и средни релации, се вели во соопштението на авиокомпанијата, подружница на „Lufthansа“.
Вкупно 1,5 проценти од летовите се откажани помеѓу април и септември. Според веб-страницата на „Aerotelegraph“, невообичаено голем број пилоти се надвор од служба подолг временски период, наводно поради бремености и несреќи. Дополнително, ресурсите ги трошат екипите за обука на новиот авион „Airbus А350“.
Според колективниот договор, со кој се подобрија одредбите за работното време, имало потреба од вработување на околу 70 работници со полно работно време, се наведува во извештајот.
Како краткорочно олеснување, некои постари пилоти го одложуваат пензионирањето, а персоналот со скратено работно време го зголемува работното време.