• Мартин Танасковски
Тренерот на „црвено-белите“ од Пиреја, Јоргос Барцокас, на прес-конференцијата зборуваше за претстојните средби од Ф4-турнирот во Евролигата и посочи како факт дека Олимпијакос е секогаш фокусиран на следниот натпревар, а не на евентуално финале.
„Секогаш е важно да се биде дел од ваков настан. Да се биде тука со Олимпијакос четврта година по ред е одлично, но тоа не е доволно. Ја сакаме титулата и се надевам дека овој пат ќе имаме повеќе среќа. Додека сум во Олимпијакос, нашата филозофија е да се фокусираме на еден натпревар истовремено. А, тоа е натпреварот против Монако. Не знаеме што ќе се случи во недела“, изјави Барцокас и кажа како е да се има Василис Спанулис како ривал.
„Тоа е добро прашање за медиумите. Но, Олимпијакос и Монако играат на мечот. Со Василис Спанулис ја освоивме титулата во 2013 година. Како играч беше потежок противник, додека како тренер е во својата прва година на ова ниво.“, изјави стратегот на грчката екипа.
Олимпијакос и Монако ќе се соочат на Ф4-турнирот во Абу Даби во второто полуфинале во петок со почеток од 20:00 часот.
ФОТО: Turkish Airlines EuroLeague/Facebook