Свет
Иран му одговори на Трамп: Сигурно нема да преговараме со небитен воен хушкач

Мисијата на Иран во Обединетите нации одговори на тврдењето на Доналд Трамп дека Техеран му пристапил на Вашингтон.
„Ниту еден ирански функционер никогаш не побарал да ползи пред вратата на Белата куќа. Единственото нешто поодвратно од неговите лаги е неговата кукавичка закана дека ќе го отстрани врховниот лидер на Иран“, се вели во соопштението.
Како што се додава, Иран не преговара под присила, не прифаќа мир под принуда и сигурно не со ирелевантен воен провокатор кој очајно се обидува да остане релевантен.
Во продолжение се вели и дека Иран на секоја закана ќе одговори со контразакана и секој напад ќе биде возвратен.
Претходно денес Трамп рече дека Иран предложил да дојде во Белата куќа оти е во проблеми и сака да преговара.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Кличко: Не знам зошто Трамп му даде на Путин 50 дена

На 14 јули, американскиот претседател Доналд Трамп му даде на Владимир Путин дополнителни 50 дена за да постигне мировен договор со Украина. Во исто време, тој се закани дека ќе воведе секундарни царини за трговските партнери на Русија доколку тоа не се случи. Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, остро ја критикуваше одлуката на Трамп.
„Не разбирам зошто овие 50 дена. Во текот на овие 50 дена, Русите можат да соберат сили. Во текот на овие 50 дена, Русите можат да убијат уште повеќе цивили. Убеден сум дека треба веднаш да се воведат строги санкции, бидејќи тоа би имало ефект на одвраќање.
Исто така, сум убеден дека треба да го искористиме овој период. Претпоставуваме дека во овие 50 дена ќе можеме да добиеме уште помодерно оружје од нашите партнери, што досега ни недостасуваше. Благодарни сме на нашите партнери.
Убеден сум дека Путин го разбира само јазикот на силата: тој ги почитува силните и не обрнува внимание на слабите. Затоа, ние мора да бидеме силни. Само со единство и здружување на силите можеме да бидеме силни. Кога станува збор за понатамошна поддршка, сметаме на нашите партнери, на строги санкции и испораки на оружје“, рече Кличко во интервју за ДВ.
Тој, исто така, коментираше за можноста, САД да го испорачаат системот „Патриот“.
„Во моментов, не сум подготвен да зборувам за тоа колку системи „Патриот“ и други противвоздушни системи имаме. Можеме да зборуваме за ова како „доволно“ само кога ќе заврши војната. Денес, нашиот град, како и другите градови во Украина, се постојано изложени на масовни напади и комбинирани удари. Воздушната одбрана е клучен предизвик за секој град, не само за главниот град.
„Како можеме да се справиме со последиците кога повеќе од 30 луѓе ги загубија животите минатата недела? Не можеме да ги вратиме.
Куќите се уништени, а нивната реконструкција ќе трае со месеци, можеби дури и со години. Се трудиме да им помогнеме на сите што се во неволја и им е потребна помош, но нашите ресурси се ограничени.
Отворено признавам дека, и покрај модерните технологии и модерното оружје, не можеме целосно да ја гарантираме безбедноста на сите луѓе во главниот град и другите градови на Украина ако продолжат ваквите масовни напади. Денес, секој во Украина го ризикува својот живот: беспилотните летала можат да паднат во секој момент и може да се појават нови жртви. Затоа секој Украинец има само една желба и едно прашање: кога ќе заврши ова?“ вели Кличко.
„Се надеваме дека ќе можеме да ја завршиме војната преку дипломатски средства. Но, да бидеме искрени: дипломатскиот пат не им одговара на Путин или на многу Украинци. Никогаш нема да се согласиме дека делот од Украина што моментално е под руска окупација повеќе не ѝ припаѓа на Украина.
Тоа е нашата земја, нашата земја што ја браниме. Многу е тешко да се согласиме да се предадеме на дел од територијата. Да, тоа би можело да биде таканаречен компромис, но сепак“, додава тој.
Свет
Калас: Ако ЕУ плати за оружје за Украина, тоа ќе биде европска помош, а не туѓа

Европската комесарка за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, денес изјави дека ако Европската Унија плати за оружје за Украина, тоа ќе биде европска поддршка, а не поддршка на американскиот претседател Доналд Трамп.
Таа го кажа ова по повод најавата на Трамп дека Америка дополнително ќе ја вооружува Украина, што всушност ќе го плати ЕУ, а како што пишува Гардијан, предизвика тензии и несогласувања меѓу Брисел и Вашингтон.
„Ако ние платиме за тоа оружје, тогаш тоа е наша помош. Тоа е европска поддршка и ние правиме сè што можеме за да ѝ помогнеме на Украина“, рече Калас.
Според неа, Европската Унија ја поздравува најавата на Трамп дека ќе испрати дополнително оружје во Украина, но сака САД да го споделат товарот, и дека ако некој ветува помош, што ќе ја платат други, тогаш тоа не е негова помош, туку на оној што плаќа.
Специјална конференција на земјите што поседуваат ракетни системи „Патриот“ и донатори на помош за Украина би можела да се одржи следната среда, под претседателство на врвниот воен командант на НАТО, пишува „Ројтерс“.
Според претставници на НАТО, алијансата планира да ги координира испораките на оружје преку механизмот за безбедносна помош и обука на Украина, кој е со седиште во Германија.
Поранешниот амбасадор на САД во НАТО, Курт Волкер, изјави дека Украина би можела да добие помеѓу 12 и 13 „Патриоти“, но дека нивната испорака би можела да трае и до една година, а Трамп неодамна ги збуни сојузниците тврдејќи дека една земја-членка има 17 „Патриоти“, од кои некои „ќе одат директно во Украина“, но освен САД, ниедна друга членка на НАТО нема толку голем број од овие системи, објаснува „Гардијан“.
Во врска со вооружувањето на Украина, се огласи и заменик-претседателот на Украина, Володимир Зеленски, велејќи дека земјата мора да го зголеми уделот во домашното производство на оружје на 50 проценти во рок од шест месеци.
„Нашата цел е да постигнеме половина од домашното производство во првите шест месеци од новата влада“, рече Зеленски, додавајќи дека се потпира на новата премиерка на земјата, Јулија Свириденко, и новоназначениот министер за одбрана, Денис Шмихал, за спроведување на оваа стратегија.
Во исто време, украинскиот заменик-министер за надворешни работи Андриј Сибиха ја повика Европската Унија да воведе нови санкции врз Москва, отфрлајќи ги како „лаги и манипулации“ тврдењата на Русија дека Украина ги отфрла мировните преговори, пренесува Танјуг.
Свет
Американскиот напад уништи само еден од трите ирански нуклеарни постројки, според ново истражување

Нова американска истрага заклучи дека американските напади во јуни во голема мера уништиле еден од трите нуклеарни објекти на Иран, но дека другите два не биле толку оштетени, објави „Ен-би-си њуз“ повикувајќи се на сегашни и поранешни американски функционери.
Во извештајот се тврди дека нападот врз иранскиот нуклеарен објект „Фордо“ бил успешен во забавувањето на напорите за збогатување ураниум за речиси две години.
Другите два објекта не биле толку оштетени и збогатувањето би можело да продолжи во следните неколку месеци доколку Иран така одлучи.
Портпаролката на Белата куќа, Ана Кели, за Ен-би-си изјави дека „како што претседателот претходно рече, а експертите потврдија, операцијата ‘Полноќен чекан’ целосно ги уништи нуклеарните капацитети на Иран“.
Портпаролот на Пентагон, Шон Парнел, за истиот медиум изјави дека Трамп „бил јасен, а американскиот народ разбрал: нуклеарните објекти на Иран во Фордо, Есфахан и во Натанц беа целосно уништени и дека нема сомнение за тоа.
САД минатиот месец почнаа напади врз иранските нуклеарни постројки тврдејќи дека Иран работи на развој на нуклеарно оружје. Техеран инсистира дека неговиот нуклеарен развој е само за цивилни цели.
Првичната процена на Агенцијата за одбранбено разузнавање на САД во јуни сугерира дека нападите можеби само ја забавиле нуклеарната програма на Иран за неколку месеци. Но, претставници на администрацијата на Трамп рекоа дека оваа процена е несигурна и е спротивна на разузнавачките информации што покажуваат дека нуклеарната програма на Иран е сериозно оштетена.
Според иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, нападите врз „Фордо“ предизвикале голема штета, објавува „Ројтерс“.