Проширување на ЕУ: Се “враќа“ идејата за Европа во повеќе брзини?

Приемот на нови членки - шанса или ризик за ЕУ ? Откако проширувањето се најде високо на агендата на Брисел, меѓу членките, отворена е жешка дебата за едногласноста при донесувањето одлуки и односот на силите во новата проширена ЕУ.

Според експертите, под лупа се ставени не само кандидатите туку и прашањата - кој ќе добие повеќе моќ, кој ќе изгуби, како ќе се пресметуваат гласовите и дали малите земји ќе имаат глас што се слуша. На масата во ЕУ, велат, дека се повеќе се врти идејата на Макрон за Европа во повеќе брзини.

- Идеите се (најидеалната ситуација би била) членство во слободниот заеднички пазар на ЕУ, со тоа што ќе можеме да учествуваме во дискусиите во политичкиот дел, меѓутоа без право на глас. Тоа е нешто што се разговара се повеќе и повеќе. И втората опција е да се намали делот на можностите каде што ЕУ, носи одлуки врз основа на консензус и тоа се сведе на кфалификувано мнозинство.  За да се случи истата мора повторно да се случи консензус - сите да се согласат за потоа да не мора сите да се согласуваат. И тоа е тешко изводливо. - Марко Трошановски, претседател на Институт за демократија.

Трошановски вели дека околу 17 земји-членки се подржувачи на иницијативата за кфалификувано мнозинство, но дека според последните изјави на Јотова и Радев - Бугарија нема намера, засега, да биде дел од тој клуб.

И додека ЕУ калкулира, голем дел од изјавите се дека Брисел има намера да ги донесе до своите врати една, две, до три кандидатки. Македонија не е меѓу нив. Дали земјата тивко е преместена во втората лига- заедно со Косово и БиХ? 

- Каде сме ние во оваа приказна? Секако дека не сме помеѓу овие една , две или три земји, иако можеме многу брзо да станеме. Бидејки Албанија, е многу поназад во поглед на реформите од нас, меѓутоа, секако дека со отворањето на поглавја, многу побрзо ќе не стигнат и оваа предност што ја имаме ќе ја изгубиме. - Марко Трошановски.

Трошановски порачува дека е потребна поактивна дипломатска активност - лобирање, за деблокада на евроинтегративниот процес. Смета дека капацитетите треба максимално да се искористат, а аргументите ефективно да се претстават на секое европско институционално ниво. Во текот на месецов, во земјава, се очекува да пристигнат Антонио Кошта претседателот на ЕС и шефицата на европската дипломатија Каја Калас.