Тековните предизвици наметнуваат и подигнување на нивото на единственото и суштинско партнерство со Европската Унија со цел да се зајакне нејзината стратешка комплементарност со НАТО. Сите земји-членки и нивните парламенти треба да посветат особено внимание на Структурниот дијалог НАТО - ЕУ кој опфаќа отпорност, заштита на критичната инфраструктура и подобрување на капацитетите на одбранбената индустрија, истакнал претседателот на Собранието, Африм Гаши денеска на средбата во Рим со шефот на италијанската делегација во Парламентарното собрание на НАТО, Лоренцо Чеза.
Гаши, како што се наведува во соопштението на неговиот Кабинет, на средбата искажал благодарност до пријателите на проширувањето на ЕУ меѓу кое предничи Италијанската Република и ја подвлекол гласната и доследна поддршка од Италија за процесот на интеграција на земјава во ЕУ.
Чеза ги повторил честитки за организацијата на Состанокот на ПК на НАТО во Скопје, на кој учесниците покажале дека членството во Алијансата е повеќе од безбедност, тоа е споделување и заштитување на вредности и застапување на споделени цели. Во овој контекст ја нагласил посветеноста на државата на инвестиции во одбраната и модернизацијата на одбранбените сили, одржувајќи го прагот на 2 отсто од БДП за таа намена. Чеза, повторувајќи ја постојаната и отворена поддршка за членство на земјава во Европската Унија, нагласил дека проширувањето треба да се случи што поскоро, особено имајќи ги предвид геополитичките настани кои се случуваат на дневно ниво.
Соговорниците се согласиле дека динамичните билатерални односи и взаемната поддршка на мултилатерално ниво, се одлична основа за продлабочување на парламентарната соработка и интензивирање на комуникацијата меѓу пратениците во сите сфери на парламентарната дипломатија, се наведува во соопштението.