
Во организација на општината, со низа активности, утре, на главниот плоштад „Гоце Делчев“ во Пустец ќе биде означен почетокот на туристичката сезона.
Градоначалникот Пали Колефски преку видеопорака упати јавна покана за присуство на свеченото отворање, во 11 часот, што ќе се одржи, како што наведува во прекрасна атмосфера.
– Преспа, прекрасно место, преполно со природни убавини, културно историски споменици, уникатна историја, Преспанското Езеро, како посебно богатство, топол и срдечен дочек на жителите, ќе направи да се чувствувате како дома. Преспа не е обична дестинација, дојдете и откријте ја сами магијата на ова место. Дојдете да го прославиме заедно почетокот на една нова сезона полна со можности и природни убавини. Добредојдени сте сите, порачува Колефски.
Традиционално, преку фотоалбуми ќе бидат презентирани природните убавини, културните богатства, традиции и обичаи а македонските традиционални јадења ќе може да се вкусат.
– Повеќе ресторани и производители на храна ќе имаат штандови со свои производи и услуги. Ќе има и богата културно-уметничка програма од локалните културно-уметнички друштва и групи. Очекуваме да присуствуваат гости од повеќе градови од Албанија и од Македонија, нагласи Колефски за МИА.
Од македонската амбасада во Тирана, како што потврдија за МИА, на настанот ќе присуствуваат Љуфтим Спахиу, вршител на должноста амбасадор и Радмила Стоимировска, прв секретар во амбасадата.