Откриен првиот есенцијален нутриент за долговечност во последните 90 години
Стефани Вен-Вотсон проучувала долговечност уште пред да сфати дека тоа го прави, вели таа. Во 2001 година, ветеринарната епидемиологинка била регрутирана од американската морнарица за да се грижи за стареењето на делфините.
Вен-Вотсон мислела дека ги истражува делфините за подобро да ги разбере заразните болести, но „многу брзо се пренасочила кон проучување на хроничните болести и болестите на стареењето што го прави веќе дваесет години.
Додека дивите делфини обично живеат околу 20 години, делфините во морнарицата живееле над 40 и 50 години, вели Вен-Вотсон. Некои развивале состојби како хронични воспаленија, висок холестерол и дури промени во мозокот слични на Алцхајмерова болест; други, пак, биле сосема здрави во староста.
По анализа на илјадници примероци собрани во период од 50 години, Вен-Вотсон и нејзиниот тим откриле што им било заедничко на најздравите стари делфини. „Мислевме дека тоа ќе бидат омега-3 масни киселини, бидејќи тие јадат само риба. Наместо тоа, го откривме C15:0, заситена масна киселина за која никогаш немав слушнато,“ вели таа.
Вен-Вотсон и нејзиниот тим откриле дека C15:0 е есенцијална масна киселина, слично како омега-3, која може да го подобри здравјето кај цицачите. Понатамошните истражувања од независни експерти ја потврдиле оваа теза. Откритието претставува „прва есенцијална масна киселина откриена во последните 90 години,“ а благодарение на тоа, Вен-Вотсон се најде на CNBC Changemakers листата за 2025 година.
Заедно со својот сопруг, кој е морнарички лекар, Вен-Вотсон ја основала Seraphina Therapeutics и развила додаток со C15:0 за луѓе. Таа исто така годинава ќе објави книга за нејзините откритија, наречена „The Longevity Nutrient.“
Нејзините секојдневни навики за долг живот
CNBC Make It ја праша 52-годишната Вен-Вотсон за нејзините навики за долговечност.
„Во разговорот за долговечност мора да се вклучи и чувството на цел. Вежбањето е навистина важно. Ги исполнува сите критериуми за долговечност. Јас пешачам еден до три километри дневно. Тоа ми помага не само за менталното и физичкото здравје, туку и како клучен фактор за долговечност. Покрај тоа, во мојата рутина вклучувам аеробни вежби и тренинг со отпор.
Максимално го внесувам C15:0. Најдобар начин за тоа е преку сирења од животни хранети со трева – тие содржат највисоки нивоа на C15:0. Исто така, го користам додатокот со чист C15:0, кој морнарицата го развиваше 10 години.
Дополнително, важни ми се социјализацијата и спиењето. Се трудам да спијам најмалку седум часа дневно. Тоа не ми успева секогаш, но барем се трудам. А бидејќи немам проблеми со заспивање, секој ден правам и 30-минутна попладневна дремка. Тоа ми помага да го ресетирам мозокот.
Ова се моите основи. Убавото е што сите овие навики не само што можат да помогнат да живееме подолго, туку и да имаме подобар квалитет на живот“.
Што правите посебно за здравјето на мозокот?
„Менталното здравје е клучен дел, а тука спаѓаат социјализацијата и намалувањето на внесот на про-воспалителни намирници, како црвеното месо. Тоа предизвикува воспаление не само во телото, туку и во мозокот.
Не го избегнувам црвеното месо целосно, но го ограничувам. Го заменив повеќето меса од копнени животни – како свинско, говедско и пилешко – со риба. Значи, речиси секој ден јадам риба.
Моето ментално здравје најмногу го одржувам со пешачењето, попладневната дремка и здравата социјализација – учество во заедницата“.
Како се осигурувате дека имате доволно социјализација? Колку често ви е потребен контакт со луѓе?
Благодарение на делфините, ова 20-годишно истражување ми донесе огромен подарок – постојано сум во интеракција со луѓе, професионално и лично.
Една важна работа што треба да се спомне кога зборуваме за здравје и долговечност, освен социјализацијата, е чувството на цел.
Најдете нешто што го сакате, што ви дава смисла – тоа често вклучува социјални активности. Без разлика дали е тоа тренирање деца, приклучување на некој клуб или помагање во заедницата, тоа не е само дружба, туку и чувство дека придонесувате за нешто поголемо.
За мене, највредно е кога професионалните односи природно се развиваат во лични пријателства што не само што не прават подобри луѓе, туку и уживаме во тоа заедно“.
Каква храна јадете секојдневно?
„Мојата исхрана е малку необична затоа што сум алергична на сите свежи овошја, зеленчуци и јаткасти плодови. Тоа значи дека не можам да внесувам свежи производи, што инаку е препорачливо за повеќето луѓе.
Мојата исхрана е богата со риба – речиси секој ден јадам риба и млечни масти. Јадам производи од животни хранети со трева – сирење, на пример, бидејќи тие содржат високо ниво на C15:0.
Исто така, знаеме дека влакната се многу важни. Јадам сирење со крекери со висока содржина на растителни влакна (не оние со преработени јаглехидрати). На пример, пекорино сирењето има највисока хранлива вредност, вклучувајќи C15:0.
Што се однесува до зеленчукот, омилени ми се варените моркови и зеленчуковите супи“.
Дневни навики на Вен-Вотсон за долговечност:
Пешачење и вежбање
Доволно спиење и попладневна дремка
Социјализација и чувство на цел
Храна богата со риба, млечни масти и растителни влакна
Читање книги што инспирирале важни животни одлуки
Коментирај анонимно