Македонија
ДУИ реагира на изјавите на Мицкоски: Единствениот „програм“ што му останал е омразата, потценувањето и исклучувањето на Албанците

„Додека Христијан Мицкоски продолжува со викотници, навреди и провокации во отсуство на каков било конкретен успех на неговата влада, граѓаните јасно гледаат дека единствениот „програм“ што му останал, пред неуспесите на владата што ја предводи, е омразата, потценувањето и исклучувањето на Албанците, клеветите и поттикнувањето на меѓуетничка поделба“, велат од ДУИ.
„Тој вели дека ДУИ имала 23 години да го покаже својот капацитет? Токму во тие години земјата стана членка на НАТО, се доближи до ЕУ, го изгради најфункционалниот модел на мултиетнички соживот во регионот и придонесе за регионалната стабилност преку дијалог и мудрост.
Земјата стана пример за регионот.
Мицкоски и неговата партија, од друга страна, отсекогаш се идентификувале со меѓуетничка омраза, блокади, изолација и масовна корупција.
Тие секогаш биле против секој стратешки напредок на државата, од Охридскиот договор, преку НАТО, до ЕУ. Денес, освен стратешкиот, го изгубија и моралниот компас.
Штитејќи ги своите луѓе вмешани во трагедијата во Кочани, подготвени се да ги следат и заплашуваат родителите на жртвите за да ги спасат виновниците.
Потценувањето и исклучувањето на Албанците можеби ќе му донесе неколку радикални гласови во неговата партија, но на среден и долг рок тој сее семе на поделба што ќе тежи врз идните генерации.
А тоа е историска одговорност што ниту Мицкоски, ниту кој било друг, не може да ја испере со демагогија. Во меѓувреме, неговите албански портпароли го вратија времето на вазалството меѓу Албанците.
Но, со тоа само ја зацврстија убеденоста на секој Албанец дека честа и достоинството на нашиот народ не можат да бидат згазени од задоцнети националисти, дискредитирани клептократи, а уште помалку од вазали кои станаа срам за народот.
ДУИ останува партија на достоинството, обединувањето и прогресот. Нема да дозволиме омразата да ја замени надежта, ниту поделбата да го замени начелото на еднаквост.
Албанците со гордост се соочувале со историјата и ќе се соочат и со овој срамен обид за исклучување, потценување и угнетување. Наредните избори стануваат референдум против изолирана, поделена и корумпирана Северна Македонија“, соопштуваат од ДУИ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ДУИ: Етничка дискриминација во распределбата на проекти, Стоилковиќ ги брише Албанците, молчењето е соучесништво

„Демократската унија за интеграција реагира со длабока огорченост на скандалозниот начин на кој средствата се распределуваат на граѓанските здруженија од страна на Министерството за односи меѓу заедниците, на чело со вицепремиерот Иван Стоилковиќ“, велат од ДУИ.
„Според податоците објавени од медиумите, резултатите се следниве: 29 проекти за македонски здруженија, 5 проекти за српски здруженија, 3 проекти за ромски здруженија и само 3 проекти за албански здруженија.
Ова не е само неурамнотежена распределба, туку е намерна дискриминаторска политика. Албанците, кои претставуваат една од најголемите и најактивните заедници во земјата, систематски се бришат од списокот на корисници, дури и во министерство кое е задолжено за одржување на меѓуетничката рамнотежа и правичната застапеност.
Иван Стоилковиќ, со своите добро познати антиалбански позиции и врски со кругови надвор од државниот интерес на Република Северна Македонија, ја користи институцијата за поттикнување на поделба, исклучување и пропаганда, наместо да гради доверба меѓу заедниците.
ДУИ бара итна институционална ревизија за овој скандал со изразена етничка содржина; политичка и институционална одговорност за Стоилковиќ.
Институциите на оваа држава не се основа за промовирање камуфлирана етнократија. ДУИ нема да молчи пред практиките што го поткопуваат духот на Охридскиот договор и сериозно го кршат правото на Албанците на еднаква застапеност“, се наведува во соопштението на ДУИ.
Македонија
(Видео) СДСМ: Врховизмот во начинот на владеење на Мицкоски е најголемото предавство

„Тоа што Мицкоски пробува да воспостави авторитарна диктатура во Македонија и тоа што на меѓународна сцена беше откриена таа негова намера не е „кодошење“ туку патриотизам“, вели портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
„ВМРО, НОБ и АСНОМ се генеза на борци против диктатура, авторитарни режими и врховисти. Да се биде авторитарен значи да се биде врховист, а никако патриот. Врховизмот во начинот на владеење на Мицкоски е најголемото предавство кое може еден Македонец да го направи. Мицкоски ја направи Македонија понижена, наместо горда. Тоа го чувствуваат и граѓаните“, одговори Кузеска на новинарско прашање.
Македонија
Муртезани: Проширувањето мора да се води според Копенхашките критериуми

Во рамки на денешната работна посета на министерката за европски прашања на Кралството Данска, Мари Бјере, во Министерството за европски прашања беше одржана заедничка прес-конференција со министерот за европски прашања, Орхан Муртезани.
Во своето обраќање, министерот Муртезани се осврна на партнерството меѓу Северна Македонија и Данска како пример за заемна доверба и почит, потенцирајќи дека подготвеноста за продлабочена соработка доаѓа во клучен момент за европската перспектива на регионот.
Тој ја поздрави одлуката политиката на проширување со ЕУ да биде дел од приоритетите на претстојното данско претседавање со Советот на ЕУ и ја истакна важноста Копенхашките критериуми да останат единствен темел врз кој се гради политиката на проширување.
„Посебно ја цениме принципиелната определба на Данска дека проширувањето на Европската Унија мора да се води исклучиво според Копенхашките критериуми – објективни, мерливи и еднакви за сите. Во време кога процесот е изложен на притисоци и тенденции на билатерализација, токму овие критериуми се нашата заштита. Тие се потсетник дека европскиот пат не смее да се условува со прашања надвор од суштината на демократијата, владеењето на правото и функционалната пазарна економија. Веруваме дека под лидерството на една кредибилна земја-членка, како што е Данска, ЕУ ќе може појасно да го артикулира својот ангажман кон регионот и да покаже дека процесот е не само жив, туку и остварлив“, рече Муртезани.
Министерот подвлече дека Северна Македонија останува посветена на реформите и конструктивната улога во регионот, што е потврдено и со организацијата на Самитот на лидерите од Западен Балкан за Планот за раст, кој ќе се одржи во Скопје.
Муртезани рече дека нашата земја, и покрај сите предизвици, останува посветена на патот кон ЕУ.
„Планот за раст на Европската Унија го пречекавме како можност за нова етапа на интеграција, која веќе носи конкретни реформи и резултати. Фактот што Северна Македонија наскоро ќе биде земја-домаќин на Самитот на лидерите од Западен Балкан претставува признание за нашата активна улога во обликувањето на европската агенда во регионот.
Почитувана министерке Бјере“, рече тој.