Поништен изборот на уставната судијка Дуковска, одложена седницата за Законот за јазиците

Управниот суд ја поништи одлуката за избор на Елизабета Дуковска за судијка на Уставниот суд, оценувајќи дека постапката за нејзиниот избор била спроведена спротивно на законските критериуми и принципите на еднаквост и транспарентност. Одлуката предизвика реакции во јавноста и правосудните институции, при што Уставниот суд предупреди на создавање правен преседан и ја одложи подготвителната седница за Законот за јазиците, а министерот за правда Игор Филков, истакна дека Судскиот совет мора да ја повтори постапката.

Според пресудата, Судскиот совет донел одлука за избор без целосно разгледување на сите предложени кандидати, што резултирало со нееднаков третман и повреда на законската процедура. Судот утврди дека членовите на Советот не располагале со доволно материјали и податоци за кандидатите, што ги оневозможило да направат темелна анализа на нивната стручност и придонес во правната теорија. Иако Законот за судски совет бара исполнување на конкретни критериуми за избор, тие не биле формално проверени пред гласањето.

Во конкретниот случај, членовите на Советот се запознале со биографиите на кандидатите за првпат на самата седница и пристапиле кон гласање само за првиот предложен кандидат – Елизабета Дуковска, судијка на Апелациониот суд Скопје. Останатите два предлога, за кандидатките Т.С. од Апелациониот суд Битола и А.Д. од Основниот граѓански суд Скопје, биле целосно игнорирани. 

Од увидот во записникот од седницата неспорно произлегува дека по излагањето на биографиите од страна на нивните предлагачи, членовите на Советот се согласиле да гласаат по редоследот на дадените предлози, но потоа се пристапило кон гласање само за првиот предлог. Гласањето за вториот и третиот кандидат било прескокнато, по што првиот предлог бил усвоен и утврден како предлог за избор на уставен судија.

Судот оценил дека со ваквиот начин на постапување е повредено начелото на еднаквост, бидејќи само еден кандидат добил можност за реална поддршка преку гласање, додека другите двајца биле лишени од ист третман и еднакви можности. 

Дополнително, ваквиот пристап го нарушува и мерит системот, бидејќи не била овозможена реална и објективна споредба на квалитетите, резултатите и придонесот на кандидатите во развојот на правната мисла и систем. Со тоа, според судот, е дерогирана законската обврска за еднаков, меритократски и транспарентен пристап во постапката, што е спротивно и на темелните уставни принципи на еднаквост и отчетност при вршење на јавна функција.

Поради ова, Управниот суд ја прифати тужбата поднесена од Антоанета Димовска, која е член на Судскиот совет и воедно била и една од кандидатките за уставен судија. Судот наложи повторно постапување согласно законските критериуми, при што треба да се спроведе гласање за сите предложени кандидати со целосно почитување на критериумите пропишани во Законот за судски совет.