Десет пациенти со симптоми на заразната болест лептоспироза се хоспитализирани во Босна

Десет пациенти со симптоми на заразната болест лептоспироза се хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести во босанскиот главен град Сараево во последните денови, објави босанскиот новински сајт „Кликс“, повикувајќи се на свои извори.

Првите случаи беа регистрирани во општина Нови Град во Сараево, каде што граѓаните побараа лекарска помош поради треска, замор и проблеми со црниот дроб. Според неофицијални информации, болеста се проширила преку вода.

За да се спречи ширењето на оваа заразна болест, во неколку општини во Сараево моментално се спроведува пролетна дератизација. Во исто време, зајакната е контролата врз зградите, пазарите и јавните површини.

Лептоспирозата е заразна болест предизвикана од бактерии од родот Leptospira. Најчесто се пренесува преку контакт со вода, почва или храна контаминирана со урина од заразени животни, особено глодари. Луѓето можат да се заразат ако бактериите влезат во телото преку оштетена кожа или мукозни мембрани (очи, нос, уста).

Симптомите на болеста вклучуваат висока температура, главоболка, болки во мускулите, замор, повраќање, а во потешки случаи се зафатени и црниот дроб и бубрезите. Доколку не се лекува навреме, лептоспирозата може да има сериозни здравствени последици, па дури и смрт.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.

ПРИКАЖИ ПОВЕЌЕ ВЕСТИ