Претседателски избори Романија: Крајниот десничар Симион води, центристот Антонеску на второто место

Кандидатот на крајната десница, Георге Симион, води во првиот круг од повторените претседателски избори во Романија, откако беа преброени педесет проценти од гласовите, додека кандидатот на централно-десничарската партија Крин Антонеску, е на второто место.

По пребројувањето на 50 отсто од гласовите, Симион е на прво место со 42,3 проценти, покажаа податоците на изборната комисија во неделата. Кандидатот на десниот центар Крин Антонеску е на второто место со 22,5 проценти од гласовите.

Откако беа објавени излезните анкети, Симион изјави дека нема да ја изневери довербата на Романците.

„Сакам од дното на срцето да им се заблагодарам на сите што одлучија да гласаат“ за мене… Тоа беше чин на храброст, доверба и солидарност. Благодарен сум и ги уверувам дека нивната доверба нема да биде изневерена“, истакна Симион во пораката.

Романците во неделата излегоа на гласачките места за да гласаат на претседателските избори кои беа поништени минатата година поради сомневања за наводно руско мешање во романскиот изборен процес.

Триесет исумгодишниот Симион се спротивставува на воената помош за Украина за сметка на осиромашеното рооманско население, критичен е кон лидерството на ЕУ и вели дека се согласува со движењето MAGA на американскиот претседател Доналд Трамп.

Симион во кампањата изјавуваше дека неговата цел е да обезбеди „правда“ за Џорџеску ако победи на изборите. Тој не ја исклучи можноста да му помогне на Џорџеску да стане премиер.

Иако често ја осудува Русија, тој се спротивставува на испраќањето воена помош на Украина и сака Романија да ја намали својата поддршка за украинските бегалци за сметка на осиромашеното романско население. Доколку биде избран, Симион рече дека јавно ќе објави „колку сме придонеле во воените напори во Украина на сметка на субвенции за романските деца и пензии за нашите стари лица“.

Како отворен обожавател на Доналд Трамп, тој често носи капа со слоганот на американскиот претседател „Да ја направиме Америка повторно голема“. Симион вели дека се надева дека ќе стане „претседател на MAGA“ на Романија.

Симион го поддржувал враќањето на Романија во нејзините граници од 1940 година, кои вклучувале територии во Бугарија, Молдавија и Украина, а забранет му е влезот во последните две земји.

„Ова не е само изборна победа, ова е победа за романското достоинство. Тоа е победа на оние кои не ја изгубиле надежта, на оние кои сè уште веруваат во Романија, слободна, почитувана, суверена држава“, порача Симион.

Неговата евентуална победа во вториот круг на 18-ти мај би можела да ја изолира земјата, да им наштети на инвестициите и да го дестабилизира источниот крило на НАТО, каде што Украина се бори со тригодишна руска инвазија, велат политичките набљудувачи наклонети кон центристите и Брисел.

На ноемвриските избори, кои беа поништени, крајно десничарскиот кандидат Калин Џорџеску неочекувано освои најмногу гласови во првиот круг, откако кампањата ја водеше главно на онлајн платформата TikTok. Непосредно пред вториот круг од гласањето, Уставниот суд го поништи првиот круг поради нерегуларности во финансирањето на кампањата. На Џорџеску му е забрането повторно да се кандидира за претседател и е под истрага на јавното обвинителство од февруари за давање лажни изјави за финансирањето на неговата кампања.

Симион гласаше заедно со Џорџеску, кој го нарече организирањето на изорите „измама“ и ги повика луѓето „да си ја вратат земјата“.