Подобрена состојбата на еден пациент повреден во пожарот во Кочани примен на ВМА
Еден од повредените од пожарот во дискотеката во Кочани кој во моментов е на лекување во Воено медицинската академија во Србија е префрлен на Клиниката за пластична хирургија и не е во животна опасност, објасни главниот хирург на болницата, Иван Лековиќ во изјава за медиуми.
Од останатите 10 пациенти кои се лекуваат во болницата, 6 сè уште се на интензивна нега.
- На ВМА има 10 пациенти, од кои шест се на интензивна нега. Сите се во тешка состојба. Единствен позитивен развој е што еден пациент го напушти одделението за интензивна нега и e префрлен на Клиниката за пластична хирургија. Тоа е чекор кон подобро. Неговиот живот повеќе не е во опасност, но допрва претстои голема борба за закрепнување.
Стабилна е и состојбата на тројцата пациенти од Македонија кои се лекуваат во хрватските болници.
- Примени три нови пациенти - две девојки и едно момче. Еден е малолетник, а двајца се полнолетни. Сите тројца се надвор од животна опасност. Сите имаат помали површни изгореници. Истовремено, состојбата на двајца пациенти кои беа примени претходно е стабилна.
Уште три лица од пожарот во Кочани ќе се лекуваат во Турција, информираа попладнево од турската амбасада. Три млади лица денеска со авион биле пренесени во болницата „Чам и Сакура“ во Истанбул. Моментално во Турција се лекуваат вкупно 12 повредени. Од нив, половина се во болницата во Истанбул, додека другата половина во болница во Анкара.
Според министерот за здравство, Арбен Таравари постои можност уште 10 пациенти да се испратат на лекување во странство. Инаку, во изминатите неколку денови шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски заедно со министерот за здравство Таравари беа во посета на пациентите кои се лекуваат во Грција и Бугарија. Муцунски денеска е во посета и на Загреб.
Македонските државјани кои настрадаа во пожарот во дискокетата „Пулс“ во Кочани покрај во Македонија, се лекуваат и во Австрија, Литванија, Србија, Бугарија, Словенија, Грција, Белгија, Италија, Хрватска, Турција, Полска,Шведска и Унгарија.