• среда, 18 јуни 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Вашингтон: Израелскиот напад врз Натанц ги погодил центрифугите за ураниум

Вашингтон: Израелскиот напад врз Натанц ги погодил центрифугите за ураниум

Вашингтон, 13 јуни 2025 (МИА) - Првичните проценки за нанесената штета укажуваат дека израелските напади врз нуклеарната постројка Натанц во Иран биле „исклучително ефикасни“, изјавија двајца американски претставници за Си-Ен-Ен.

Нападот, кој наводно вклучувал и сајбер-елементи, не се ограничил само на површинска штета, туку го прекинал напојувањето со електричната енергија во пониските нивоа каде се чуваат центрифугите за збогатување ураниум.

Не е познато дали прекинот бил предизвикан од сајбер-напад или од физичките напади.

Фотографии на социјалните мрежи и иранската државна телевизија покажуваат дека постројката била зафатена од пламен.

Натанц се наоѓа на околу 250 километри јужно од Техеран. Тоа е главниот објект на Иран за збогатување ураниум со голем обем, кој има десетици илјади центрифуги, кои се клучни за зголемување на резервите на високо збогатен ураниум. Доколку се прекине овој процес, прекината е и иранската нуклеарна програма.

Нуклеарниот комплекс Натанц и претходно беше цел на напади. Во 2010 година Натанц беше мета на голем кибернапад, а во 2020 година објектот беше оштетен со експлозив, наводно скриен во столица. Додека во 2021 нуклеарниот комплекс претрпе поголема штета во мистериозен напад, за кој Иран го обвини Израел. ссм/

фото: ЕПА архива

Остани поврзан