Собраниската седница продолжува по еден час пауза
- На барање на пратеничката група на Левица, Собранието, само што го почна продолжението на 52. седница, на чиј дневен ред, меѓудругите, е Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за локалната самоуправа, ја прекина седницата и даде пауза од еден час.

Скопје, 30 мај 2025 (МИА) - На барање на пратеничката група на Левица, Собранието, само што го почна продолжението на 52. седница, на чиј дневен ред, меѓудругите, е Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за локалната самоуправа, ја прекина седницата и даде пауза од еден час.
-Ние и денеска приципиелно ќе бараме еден час пауза, по член 87 став 2 за да се изврши толку потребниот притисок во Генералниот секретаријат на Собранието да одговори на барањата на нашата пратеничка Јована Мојсовска за висината на патните трошоци на пратениците, рече пратеникот Борислав Крмов.
По ова потретседателката на Собранието Весна Бендевска даде пауза во траење од еден час.
На дневен ред на 52. седница се Дополнетиот предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за локална самоуправа, во второ читање, Предлог на закон за изменување на Законот за културата, по скратена постапка, како и Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, по скратена постапка.
Основна цел на Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за локалната самоуправа, според предлагачот е да се подобрат функционалните аспекти на системот на локалната самоуправа, да се надминат правните празнини, недоречености и воочени потреби за усогласување во Законот за локалната самоуправа низ добро осмислени, аргументирани и целисходни нормативни интервенции.
-Посебните цели на Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за локалната самоуправа се однесуваат на потребата да се унапреди транспарентноста и отчетноста на градоначалниците (преку уредување на постапка за референдумско изјаснување за доверба на градоначалниците), на советите како и на јавните служби во општините, учеството на граѓаните во одлучувањето за прашања од јавен интерес во општините, механизмите за осигурување на комунален ред во општините преку воспоставување на комунална редарска служба, воспоставување на општинските инспекторати, унапредување на безбедноста во заедницата, и да се воспостават соодветни механизми за еднакви можности за жените и мажите, спречување на корупцијата и конфликтот на интереси, и дигитализација на општинските услуги, велат предлагачите.
Собранието денеска треба да го одржи и продолжението на 41. седница, во чии рамки пратениците треба да ги ратификуваат Протоколот за изменување и дополнување на Конвенцијата за кривичните дела и некои други акти извршени во воздухоплови, Протоколот за дополнување на Конвенцијата за сузбивање на незаконито грабнување на воздухоплови, Конвенција за спречување на незаконски дејствија поврзани со меѓународното цивилно воздухопловство, Факултативниот протокол на Конвенцијата за правата на детето за постапка по претставки како и измената на Конвенцијата за оцена на влијанието врз животната средина во прекуграничен контекст усвоен во Софија, на 27 февруари 2001 година и втората измена на Конвенцијата за оцена на влијанието врз животната средина во прекуграничен контекст усвоен во Цавтат, на 4 јуни 2004 година.
На дневен ред на оваа седница е и Предлог на закон за изменување на Законот за доброволно капитално финансирано пензиско осигурување, во прво читање. сст/ев/
Фото МИА архива