Договорот со Обединетото Кралство претставува историски момент за нас како држава, но и генерално за регионот, нагласи премиерот
- Договорот со Обединетото Кралство претставува историски момент за нас како држава, но и генерално за регионот затоа што едно вакво силно присуство на еден од водечките политички чинители во светот, тука во регионот, значи многу, истакна премиерот Христијан Мицкоски, запрашан од пратеникот Никола Мицевски за важноста на потпишаниот Договор.

Скопје, 29 мај 2025 (МИА) - Договорот со Обединетото Кралство претставува историски момент за нас како држава, но и генерално за регионот затоа што едно вакво силно присуство на еден од водечките политички чинители во светот, тука во регионот, значи многу, истакна премиерот Христијан Мицкоски, запрашан од пратеникот Никола Мицевски за важноста на потпишаниот Договор.
Премиерот Мицкоски нагласи дека потпишаниот Договор е значаен за граѓаните, за државата и регионот, тој е транспарентен и со политичка и економска вредност.
-Договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство претставува историски момент за нас како држава, но и генерално за регионот затоа што едно вакво силно присуство на еден од водечките политички чинители во светот, тука во регионот, значи многу. Јас сум среќен што ние успеавме да потпишеме ваков договор со Обединетото Кралство, затоа што на тој начин правиме добро за граѓаните, за државата, но и за иднината на регионот. Овој Договор би го поделил во два дела, политички и економски, иако во суштина двата дела еден со друг се обединуваат. Во економскиот дел е важно да се знае дека како држава имаме многу стратешки цели и проекти кои што се споменуваат со децении, но за жал никако да се реализираат како што е пругата на Коридорот-10 со цел да се модернизира, автопати, болници, енергетски проекти Чебрен, Галиште за кои со децении бараме инвеститори и никако да се најдат досега. Ако сето тоа се анализира ќе дојдеме до заклучокот дека во минатото имало многу пречки, а една од нив биле финансиите, другата била немањето политичка волја и храброст, немање инвеститори...но сите овие пречки што во минатото постоеле ние ги тргаме настрана, истакна премиерот Мицкоски.
На собраниската седница за пратенички прашања, премиерот Христијан Мицкоски појасни како ќе се одвива процесот за реализација на договорот.
-Сега следи процес во кој Министерството за финансии ќе отвори конкурентен дијалог со финансиски институции од светот. Потоа, откако Министерството за здравство ќе го информира Министерството за финансии дека има намера да ги заврши проектите Клиничка болница во Штип, Студентски дом-Штип, болницата во Кичево и реконструкција на Клиничка болница во Тетово, или откако ЈП Македонски железници и инфраструктура во иста постапка ќе го информира Министерството за финансии, тогаш Министерството за финансии ќе спроведе конкурентен дијалог со плејада финансиски институции од светот и таа понуда што ќе биде најдобра, ние ќе ја профатиме, нагласи Мицкоски.
Во јавноста кога се зборува во делот на каматата колку таа ќе изнесува, додаде премиерот, со Договорот, ако ние го користиме кредитниот рејтинг на Обединетото Кралство кој е (ААА) тогаш логично е дека ние ќе добиеме многу пониска каматна стапка и затоа велам дека ние ќе добиеме најниска можна каматна стапка што некоја држава ја добила.
Мицкоски додаде дека Обединетото Кралство со потпишаниот Договор ни го става на располагање нивниот кредитен рејтинг и тие се гарант за нас.
-Затоа секој оној што зборува во јавноста дека јас како прв човек на Владата и дека вие пратениците што го поддржаа Договорот, ќе задолжиме неродени генерации, ако е во функција на политика тоа го разбирам иако не го поддржувам. Но, ако некој навистина тоа го мисли, тогаш тој е економски и политички аналфабет, посочи Мицкоски.
Во одговорот на пратеничкото прашање, премиерот Мицкоски нагласи дека Договорот за реализација на проектите ќе биде максимално јавен и транспарентен.
-Договорот за реализација на проектите нема да го класифицираме, нема шверцерски и со европски знамиња да го минеме и во Парламентот ќе дојде на гласање. Нема да криеме ништо. Договорот ќе се реализира по принципот „Open Book“ и затоа ви гарантирам дека не само што нето нема да се задолжиме, туку нето ќе го намалиме долгот кога овие проекти ќе се реализираат, посочи Мицкоски. мт/ац/
Фото: МИА архива