Украинската служба за безбедност (СБУ) во вторникот објави дека и патниот и железничкиот дел од мостот што ја поврзува Русија со присвоениот Крим, под нивото на водата, биле погодени со експлозив.
„Имаше експлозија“, потврди портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков. „Ништо не е оштетено. Мостот функционира нормално. Режимот во Киев продолжува со обидите за напад врз цивилната инфраструктура“.
Песков додаде дека Русија ги презема сите неопходни мерки на претпазливост.
СБУ објави снимка од експлозија во близина на еден од многуте потпорни столбови на мостот, додека шефот на службата, Василиј Малјук, изјави дека Кримскиот мост е легитимна воена цел, бидејќи Русија го користи како клучен логистички пат за снабдување на своите сили.
Кримскиот мост, долг 19 километри, кој го преминува Керчкиот теснец, е единствената директна копнена врска помеѓу руската транспортна мрежа и полуостровот Крим.