Заменик-министерката за европски прашања, Викторија Трајков, денеска во Охрид имаше работна средба со градоначалникот Кирил Пецаков.
На средбата на која присуствува уште и стручни лица од проектните едници на Министерството за европски прашања и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Илија Стоилев, било разговарано за можностите за искористување на европските и претпристапните фондови, со акцент на поддршката што тие програми ја овозможуваат за развојот на локалните заедници.
Како што соопшти Пецаков, исто така било разговарано и за можностите за искористување на средствата од Инструментот за претпристапна помош за рурален развој – ИПАРД.
„Ги запознав гостите со тековните проекти и планови во општината во насока на унапредување на инфраструктурата, екологијата и социјалната инклузија во Охрид. На состанокот беше потенцирано дека е потребно унапредување на соработката меѓу локалната и централната власт за поголемо искористување на меѓународните фондови кои се достапни на општините“, посочи Пецаков.
Тој заедно со гостите ја посетија и инклузивната игротека за лица со церебрална парализа и Здружението на граѓани „ВООПС“, простор опремен со средства обезбедени преку Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).
Пецаков посочи дека тој проект претставува пример за успешно имплементирана иницијатива која овозможува инклузивен пристап за децата и младите со попреченост во општествените процеси.