ЕУ ќе извлече поука од масивните прекини на електричната енергија во Шпанија и Португалија

Европската унија ќе „извлече поуки“ од прекинот од „невидени размери“ на електричната енергија во понеделникот на Иберискиот полуостров, изјави во вторникот портпаролката на Европската комисија.

„Во тесна соработка“ со операторите на електрични мрежи, Брисел „внимателно ќе ги разгледа причините, нивото на подготвеност и лекциите што можат да се извлечат од таков инцидент“, изјави портпаролката на Комисијата, Паула Пињо.

Дефектот треба да се класифицира како „голем“ инцидент од трето ниво, највисокото ниво на европска класификација во оваа област, според извор од Комисијата. Експертската работна група ќе има шест месеци да спроведе истрага и да подготви извештај за инцидентот. Комисијата не сакаше да навлегува во причините за инцидентот. Но, таа повика на зајакнување на електроенергетските врски меѓу Шпанија, Португалија и остатокот од европскиот континент.

„Подобро поврзан систем во рамките на Европската Унија е подобар за сите“, пред сè „за безбедноста на снабдувањето“, нагласи Комисијата.

Шпанија, Португалија и делови од Франција останаа без електрична енергија во понеделникот.Властите ја истражуваат причината за инцидентот, а експертите не веруваат дека станува збор за сајбер напад.
Шпанскиот оператор на електрична мрежа REE објави во понеделник дека се случила силна осцилација во мрежата, поради што шпанскиот систем се исклучил од европската мрежа.

Снабдувањето со електрична енергија беше обновено во поголемиот дел од Шпанија и Португалија во вторникот, а властите сè уште се обидуваат да ја утврдат причината за значителниот прекин на електричната енергија.

Во Шпанија училиштата и канцелариите беа повторно отворени во текот на денот, јавниот превоз е обновен по долгите одложувања, сообраќајните метежи се смирија, многу болници сега имаат електрична енергија, додека други продолжија да работат на генератори.

Шпанскиот оператор на електрична мрежа „Red Electrica“ објави во вторникот наутро дека успеал да ја обезбеди речиси целата побарувачка за електрична енергија во земјата, додека португалскиот еквивалент REN соопшти дека од понеделникot вечерта сите 89 трафостаници во земјата се повторно во функција.

Властите сега се под притисок да објаснат што го предизвикало еден од најголемите падови на електричната мрежа во Европа.

Шпанскиот премиер Педро Санчез во понеделникот вечерта изјави дека земјата претрпела огромна загуба од 15 гигавати производство на електрична енергија за пет секунди околу пладнето тој ден, што е еквивалентно на 60 проценти од националната побарувачка.

Шпанија е еден од најголемите европски производители на обновлива енергија, но прекинот на електричната енергија во понеделникот веќе предизвика дебата за тоа дали нестабилноста на снабдувањето од сончева или ветерна енергија ги направила шпанските електрични системи поранливи.

Џон Кемп, енергетски аналитичар и експерт за јавна политика, рече за Reuters дека може да бидат потребни месеци за да се пронајдат јасни причини за серијата дефекти што придонесоа за прекинот на електричната енергија.

„Регионот има една од највисоките пенетрации на обновливи извори на енергија од ветер и сончева енергија во светот, па затоа прекинот на електричната енергија ќе биде студија на случај за тоа како обновливите генератори влијаат на сигурноста и рестартирањето по широко распространет прекин“, рече Кемп.

Португалската влада објави дека болниците се повторно во функција, а аеродромите се во функција со доцнења во Лисабон, додека метрото во главниот град повторно работи и возовите сообраќаат.

Марк Ферачи, францускиот министер за индустрија, во вторникот за радиото RTL изјави дека Франција е подобро подготвена да спречи прекини на електричната енергија како оние во Шпанија и Португалија и дека влијанието во Франција е „минимално“.