Маршот на Маѓар кон Унгарците во странство - и кон власта
27 мај 2025Девет часот наутро е кога Петер Маѓар го преминува унгарско-романскиот граничен премин со неколку десетици пријатели и поддржувачи кои маршираат со него. Околу пладне тие пристигнуваат на нивната дестинација – Орадеја (Велики Варадин), град во северозападна Романија. На патот постојано го запираат луѓе. Тие сакаат да се сликаат или да се ракуваат со него. Возачите го поздравуваат со своите сирени.
Подоцна, во својот говор во градската тврдина, пред стотици собрани луѓе, тој вели: „Одбројувањето започна. Унгарците сакаат да одат во Европа. Тие се презаситени од диктатура и поделби. Тие сакаат мир и просперитет.“
Во Орадеја, во саботата (24 мај), заврши 11-дневниот марш наречен „Милион чекори за мир и заедништво“. Тоа беше најновата спектакуларна политичка акција на унгарскиот опозициски лидер Петер Маѓар, во услови на кампања на омраза и хушкање од страна на премиерот Виктор Орбан и неговата влада против сите неистомисленици. Орбан, без никакви докази, го обвинува Унгарецот и неговата партија „Тиса“ (Почит и слобода) за предавство и за работа за украинската тајна служба.
Огромно емоционално значење
Пешачки марш на Маѓар долг над 300 километри започна на 14 мај во Будимпешта и водеше до Орадеја во Романија, каде што живеат многу етнички Унгарци. Тоа е марш во текот на кој Маѓар ги слушна грижите и страдањата на Унгарците и кој, според него, треба да го означи почетокот на крајот на поредокот на Орбан.
Маршот намерно заврши во романски град. Унгарците во странство со двојно државјанство не се само важни гласачи на унгарските парламентарни избори, туку традиционално имаат и огромно емоционално значење за унгарското општество. Пред сè, Унгарците што живеат во Трансилванија и други историски региони, како што е Парциум, каде што се наоѓа Орадеја.
За мнозинството Унгарци, „траумата од Тријанон“ е сè уште длабока. Имено, со Тријанонскиот договор во 1920 година, две третини од унгарската територија им биле доделени на соседните земји, па затоа многу Унгарци преку ноќ станале граѓани на други земји.
Во последниве години, гласовите на Унгарците што живеат надвор од својата татковина донесоа во просек само две места во парламентот. Но, секој што го игнорира прашањето на дијаспората или дури им се спротивставува на Унгарците во странство, не може да победи на избори во Унгарија.
Големата грешка на Орбан
Според актуелните анкети, Петер Маѓар и неговата партија Тиса лесно би можеле да ги победат Орбан и неговата Фидес на парламентарните избори. Редовните избори се закажани за пролетта 2026 година. Унгарецот досега е успешен првенствено затоа што посочува на широко распространетата корупција во системот на Орбан, лошата јавна инфраструктура и лошата состојба на образованието и здравствената заштита. На овој начин, тој се обраќа на големи делови од унгарското општество кои, по 16 години непрекинато владеење на Орбан, се уморни од него.
Но, Маѓар сега ја проширува својата политичка стратегија. Од една страна, тој посветува поголемо внимание на прашањето на Унгарците во странство. Во овој случај, сериозната политичка грешка на Виктор Орбан во пресрет на претседателските избори во Романија на 18 мај му оди во прилог. Унгарскиот премиер го поддржа прорускиот десничар Ѓорѓе Симион, кој е познат и по своите насилни антиунгарски акции. Меѓу другото, Симион и неговите поддржувачи осквернавија унгарски гробови на заедничките унгарско-романски воени гробишта во југоисточните Карпати во Трансилванија во 2019 година.
Сепак, Орбан застана на страната на Симион, а ова наиде на отпор дури и во рамките на инаку лојалното политичко раководство на партијата на унгарското малцинство во Романија, УДМР. Етничките Унгарци во Романија гласаа во рекорден број за Никошур Дан, либералниот противник на Симион - и со тоа му помогнаа да победи на изборите.
Орбан ги жртвува интересите на Унгарците во странство
Петер Маѓар го искористи сето ова во својот говор во Орадеја за да го претстави Орбан како некој што нема проблем да ја жртвува благосостојбата на Унгарците во странство за свои интереси.
Орбан не се однесува вака само во случајот со трансилванските Унгарци. Тој одржува блиски односи и со српскиот претседател Александар Вучиќ и со словачкиот премиер Роберт Фицо - иако двајцата имаат долга традиција на непријателски политики кон малцинствата, особено против унгарското малцинство.
Покрај тоа, со својата кампања против членството на Украина во Европската Унија, Орбан свесно се спротивставува на интересите на унгарското малцинство во Украина, чии членови јасно ја поддржуваат европската перспектива на нивната земја.
Кавги меѓу пријателите и во семејството
Во своите говори, Маѓар свесно пренесува позитивни пораки и често користи термини како „мир“, „помирување“, „заедница“ и „единство“. Имено, на унгарското општество му е сè потешко да ја толерира екстремно поларизираната и затруена јавна клима создадена од Орбан. Речиси сите Унгарци доживеале политички несогласувања што предизвикувале раздор меѓу пријателите и семејствата. Унгарија сè повеќе изгледа како земја во тотална пропагандна војна.
Фактот дека Маѓар поминува стотици километри пеш за да чуе што ги мачи луѓето дури и во најмалите села, многумина ќе го протолкуваат како чин на скромност и искрен интерес - она што им недостасува на Орбан и неговата околина. Семејството на Орбан и неговите блиски соработници сè повеќе се истакнуваат со прикажување луксузни статусни симболи, како што се скапи спортски автомобили или скапи чанти.
Селфи-маратон
Останува да се види дали пораките на Маѓар ќе стигнат до Унгарците во странство. Бидејќи системот на Орбан ги поддржува трансилванските Унгарци со неколку стотици милиони евра годишно. Но, оваа сабота се чинеше дека Маѓар го има поголемиот дел од публиката во Орадеја на своја страна. По говорот, како што покажуваат видеата, следеше селфи-маратон. Многумина се љубопитни и велат дека не го познаваат добро Маѓар, но дека веруваат оти дошло време за промена на владата во Унгарија.
А, Маѓар, на подоцнежната прес-конференција, како мантра го повтори својот слоган: „Ова е почеток на нешто ново“. Можеби е во право.
Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик