Шведска толерирала посвојување грабнати деца

Независна комисија побара од Шведска да ги забрани посвојувањата деца од други земји и јавно да им се извини на илјадниците жртви на меѓународна трговија со деца. Властите во Стокхолм со децении не реагирале, иако имале информации дека меѓу „сирачињата“ што се прифаќаат во Шведска имало и грабнати деца од сиромашни семејства во Азија, Латинска Америка и Европа.

Истрагата на шведската независна комисија откри „значителни и системски“ пропусти во документите за меѓународните посвојувања: фалсификувани датуми на раѓање и лажни податоци за родителите и за условите за посвојување. Во извештајот се забележува дека шведските регулативи му даваат приоритет на посвојување деца од странство, а процесот им е препуштен на приватни организации, со иницијатива „да понудат што е можно повеќе деца“.

Комисијата беше формирана во 2021 година откако весникот Дагенс нихетер детално ги опиша злоупотребувањето на системот за меѓународно посвојување. 

Во извештајот „Дете по секоја цена“ весникот објави дека се тргувало со деца што биле киднапирани од градинки и болници. Имало случаи на фалсификување на документи за наводно мртвородени бебиња. Бандите што тргувале со деца биле поврзани со болничари, адвокати, полициски офицери и владини функционери. Како жртви биле идентификувани сиромашни бремени жени без социјална заштита. Во Кина криминалните групи ја користеле политиката „едно дете“ за да им ги одзема вторите и третите чеда на семејствата и да им ги продава на сиротилишта како „најденчиња“. До пред две децении од семејствата што сакаат да посвојат дете било барано да уплатат донација од 3.000 долари до сиротилиште – во кеш во коверт или на сметка во Пекинг.

Трендот на меѓународни посвојувања го почнале шведските хуманитарци испратени во Јужна Кореја по војната. Посвојувањата нагло зачестиле откако во седумдесеттите години шведскиот парламент законски им ја препуштил одговорноста на окружните судови. Во тој период шведски семејства посвоиле речиси 10.000 деца само од Јужна Кореја. Подоцна фокусот бил префрлен на деца од Шри Ланка, Колумбија, Полска и Кина. Бранот стивнал на 900 деца во 1985 година, а во текот на оваа година биле посвоени само 14 деца од странство.

Комисијата ја повика владата официјално да им се извини на посвоените деца и на нивните семејства.

Државата мора да ги признае прекршувањата на човековите права за кои била одговорна. Јавното извинување, покрај тоа што е важно за оние што се лично засегнати, може да помогне да се подигне свеста за честите нарушувања, изјави Ана Сингер, претседателката на независната комисија.

2 јуни 2025 - 15:48