• сабота, 21 јуни 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Унапредување на билатералната соработка и поддршката за европските интеграции во фокусот на посетата на министерот Муцунски во Париз

Унапредување на билатералната соработка и поддршката за европските интеграции во фокусот на посетата на министерот Муцунски во Париз

Скопје, 6 јуни 2025 (МИА) - Во рамки на работната посета на Париз, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари одделни средби со претседателката на Интерпарламентарната група за пријателство Франција – Западен Балкан, сенаторката Марта де Сидрак, и со советникот на францускиот претседател Емануел Макрон за Континентална Европа и Турција, Бертран Бишвалтер.

На средбата во францускиот Сенат, како што соопшти МНРиНТ, било истакнато значењето на парламентарната дипломатија во градењето на стабилни и севкупни односи меѓу двете земји. Се разговарало за европската перспектива на Северна Македонија и регионот, како и за можностите за унапредување на парламентарната соработка и продлабочување на политичките и економските врски. Посебен акцент бил ставен на доследната поддршка од француска страна за македонските евроинтеграции.

На средбата со советникот Бишвалтер, посочуваат од МНРиНТ, биле отворени прашања од заеднички интерес, вклучително и актуелните геополитички предизвици во Европа, важноста на регионалната соработка, партнерството и придонесот на Република Северна Македонија во рамките на НАТО Алијансата, како и понатамошното јакнење на соработка во контекст на европската и регионалната стабилност.

Министерот Муцунски ја реафирмирал стратешката ориентација на државата кон членството во Европската Унија, како и континуираната посветеност на реформските процеси и на добрососедските односи. Воедно, била потврдена значајната улога на Франција како силен поддржувач на европската перспектива на Северна Македонија и на регионот, со цврста определба оваа поддршка да продолжи со несмален интензитет и во наредниот период. дма/сст/

Фото:  МНРиНТ

Остани поврзан