1016 hPa
77 %

15 °C
Скопје - Сре, 21.05.2025 04:10
На 11 јули во Софија, во најрепрезентативниот изложбен простор на Националната академија за ликовни уметности, галеријата „Академија“, беше отворена групната ликовна изложба „Средба од десетти вид“, на која со свои дела учествуваат: Гордана Вренцоска, Дејан Иванов – Маргуш, Јана Манева-Чупоска, Беди Ибрахим, Маријана Иванова, Перица Георгиев – Пепси, Павел Целкоски, Марјан Ѕингаров, Иво Пецов, Ненад Микиќ, Зоран Мише, Момчил Мирчев, Свилен Стефанов, Росен Тошев, Рикардо Кварежма Виејра, Валтер Праташ и Золтан Ференц. Изложени се 50-тина цртежи, графики, слики во комбинирани техники, скулптури, фотографии, дигитали графики и видеоарт дела.
Изложбата ќе биде отворена до 30 јули годинава, претставува продолжување на проектот „Поврзување“, кој оваа година ја одбележува својата 10-годишнина, и е резултат од соработката меѓу Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија и Националната академија за ликовни уметности.
Со овој извонреден настан пред бројните љубители на ликовната уметност во едно од најстарите зданија посветени на уметноста во Софија започна и одбележувањето на 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатски односи меѓу Северна Македонија и Бугарија.
По поздравниот говор на уметникот Росен Тошев на присутните им се обрати директорот на КИЦ во Софија, д-р Сашко Насев, со беседа за естетиката и дипломатијата. Цитирајќи го постулатот на Аристотел за уметниците кои (треба) да ја креираат реалноста, Насев ја потенцираше улогата на уметноста како најбитна – уметноста над сè.
Директорот на КИЦ во Софија, д-рСашко Насев
Амбасадорката на Северна Македонија во Софија, Н.Е. Агнеза Руси-Поповска, во нејзината поздравна реч ја истакна значајноста на уметниците во зацврснување на односите меѓу двете земји. Кураторот на „Средба од десетти вид“, д-р Иво Пецов, кој и самиот изложи неколку дела, потсети на развојот на проектот „Поврзување“ со кој КИЦ на РСМ го рашири своето културно присуство и културна размена со речиси сите поголеми градови во Република Бугарија.
Амбасадорката на Северна Македонија во Софија, Н.Е. Агнеза Руси-Поповска
Овој проект во неговите претходните изданија ги промовираше младите автори од Република Северна Македонија кои живеат, работат или студираат во Република Бугарија, а низ годините го стимулираше и мултимедијален карактер, збогатувајќи ја понудата и со македонска поезија, музика, филмска уметност…
Вреди да се погледне листата на авторите кои во изминатите години биле дел од проектот „Поврзување“: Адриана Јованоска, Ана Лазаревска, Атанас Ботев, Александар Станковски, Беди Ибрахим, Горан Тричковски, Гордана Вренцоска, Дејан Иванов – Маргуш, Димитар Христов, Зоран Георгиев, Зоран Мише, Иван Стоименов, Иво Пецов, Игор Христов, Исмет Рамиќевиќ, Ице Огненовски – Мерко, Јана Луловска, Јана Манева-Чупоска, Јован Шумковски, Јовица Миленов, Јорданчо Ристовски, Катерина Деспот, Колектив Зеро, Маријана Иванова, Марјан Ѕингаров, Ненад Микиќ, Павел Целкоски, Перица Георгиев – Пепси, Роберт Јанкулоски, Слободан Милошески, Соња Димитрова, Срѓан Микиќ, Хари Дудески, Шќипе Мехмети / Васил Колев, Генади Гатев, Георги Јанков, Десислава Христова, Иван Ќуранов, Лилјана Караџова, Марија Алексиева, Момчил Мирчев, Нина Русева, Ninavale (Нина Ковачева и Валентин Стефанов), Роман Кисјов, Росен Тошев, Свилен Стефанов / Валтер Праташ, Рикардо Кварежма Виејра и Золтан Ференц.
Кураторот на изложбата „Средба од десетти вид“, д-р Иво Пецов
Затоа и насловот на годинешната групна изложба, „Средба од десетти вид“, не е само просто асоцијативна. Збогатувајќи ја меѓусебната комуникација и контакти, уметниците од двете земји веќе изградија своевидна заедница која постојано расте, и во која непознатите престануваат да си бидат туѓинци едни на други. Или, со други зборови, најдобрата дипломатија, не само по повод одбележувањето на 30-годишниот јубилеј од воспоставувањето на дипломатски односи меѓу Северна Македонија и Бугарија.
Извор: https://racin.mk/