Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова со највисоки државни и воени почести го пречека хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, кoj престојува во посета на земјава.
Двајцата претседатели одржале тет-а-тет средба, по што следeл пленарен состанок на македонската и хрватската делегација.
Во фокусот на разговорите биле билатералните односи, процесот на нашата европска интеграција, низ призма на меѓународниот поредок, ЕУ амбиентот, како и регионалните предизвици.
Обете страни искажале задоволство од конструктивната соработка во повеќе области и го потврдиле многу пати докажаното силно пријателство, засновано на меѓусебното разбирање, почит и подршка.
Водени од актуелните состојби на европскиот континент, но и пошироко, соговорниците укажале на важноста на усогласениот регионален пристап за справување со безбедносните предизвици.
Сиљановска-Давкова изразила длабока благодарност за цврстата и континуирана поддршка на Хрватска за македонското членство во ЕУ и спремност за проширување и продлабочување на соработката во различни сфери од интерес на двете држави.