По последната прес-конференција на Јавното обвинителство, повторно се отвори прашањето – дали институциите навистина прават сè што можат за да се дојде до вистината за трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во која загинаа 62 лица, меѓу нив и деца?
Наместо да се откријат и повикаат на одговорност челниците на државните институции кои требало да спречат увоз и продажба на опасна пиротехника, фокусот на истрагата се префрла на поединци и маргинални групи. Не се зборува јасно кој дозволил фирма да продава нелегална пиротехника со месеци, без дозвола. Кој затаил – инспекциите, царината, полицијата, директорите на надлежните институции?
Уште поголема загриженост предизвикува фактот што наместо темелна истрага за секој сегмент – увозот, надзорот, реакцијата на полицијата и пропустите во самата дискотека – Обвинителството ги здружува сите аспекти во еден предмет. Според правни експерти, ваквиот потег може да ја забави постапката со години, па дури и да ја загрози можноста за вистинска правда.
Контроверзна е и одлуката да се пуштат на слобода со мерки за претпазливост полицајците и полициските службеници кои биле на смена кобната ноќ. Посебно алармантен е податокот дека двајца од нив биле фатени додека се обидувале да ја напуштат државата, на пат кон границата со Бугарија.
Од СДСМ предупредуваат – без објективна и непристрасна истрага, и без да се лоцира одговорност кај институциите и нивните раководители, правдата ќе остане само збор. Народот бара одговори. И тоа е сосема легитимно – бидејќи загинаа 62 невини души. Додека јавноста чека вистината да излезе на виделина, едно е сигурно – довербата во системот зависи од тоа како овој случај ќе биде процесуиран.