МИЦКОСКИ МАНИПУЛИРА СО ПРАГ ЗА ПОБЕДА НА ИЗБОРИ, ВО ГЕРМАНИЈА ПРАГОТ ЗА КАНДИДИРАЊЕ НЕЗАВИСНИ КАНДИТИ Е САМО 200 ПОТПИСИ, ВЕЛАТ ЗДРУЖЕНИТЕ ГРАЃАНСКИ ИНИЦИЈАТИВИ

    МИЦКОСКИ МАНИПУЛИРА СО ПРАГ ЗА ПОБЕДА НА ИЗБОРИ, ВО ГЕРМАНИЈА ПРАГОТ ЗА КАНДИДИРАЊЕ НЕЗАВИСНИ КАНДИТИ Е САМО 200 ПОТПИСИ, ВЕЛАТ ЗДРУЖЕНИТЕ ГРАЃАНСКИ ИНИЦИЈАТИВИ„Премиерот рече дека во Германија за да се влезе во парламентот се потребни 5% , притоа некажувајќи дека тоа се однесува на процентот од освоени гласови на избори и притоа не кажува ни дека за да може граѓански листи да се кандидираат на избори во Германија треба да соберат САМО 200 ПОТПИСИ“, реагираат независните (Фото:СДК.МК)

    Да се тврди дека зголемувањето на прагот за независни кандидати е во корист на граѓаните е навреда за нивната интелигенција, реагираа на денешната изјава на премиерот Христијан Мицкоски граѓанските иницијативи: Зелен хуман град, Град Скопје, Шанса за Центар, Независни За Карпош – За Заштита На Карпош, Поинаку во Општина Битола, Стига е – Струмица, Босилово, Ново Село, Поранешни независни советници од Подобро за Тетово и Граѓанска иницијатива Зелените Од Гази Баба.

    „Како граѓански иницијативи кои учествуваа на минатите локални избори и освоија места во советите низ општините во Македонија остро се спротивставуваме на секаков обид за извртување на фактите. Мицкоски свесно или од недоволна информираност ги меша прагот на освоени гласови на парламентарни избори за влез во германскиот парламент со прагот на потребни потписи кои во Германија се бараат за да може граѓани воопшто да се кандидираат на избори“, велат тие на тврдењето на премиерот дека во Германија за да се влезе во парламентот се потребни 5% , притоа некажувајќи дека тоа се однесува на процентот од освоени гласови на избори.

    „Премиерот не кажува и дека за да може граѓански листи да се кандидираат на избори во Германија треба да соберат САМО 200 ПОТПИСИ. Тоа значи дека со само 200 собрани потписи граѓански иницијативи може да се кандидираат на парламентарни избори во Германија и ако притоа освојат најмалку 5% од гласовите, тие ќе добијат место во Бундестагот “, реагираат  овие граѓански иницијативи.

    Мицкоски денеска на новинарско прашање околу незадоволството на овие граѓански иницијативи во врска со предлог-измените со кои се зголемува бројот на потребни потписи за кандидирање на независни листи и граѓани за избори, рече: „Носиме најдобри решенија за потребите на граѓаните, а не на поединци или на поедини невладини организации“.

    „Да се тврди дека зголемувањето на прагот за независни кандидати е во корист на граѓаните е навреда за нивната интелигенција. Тоа е како да им ги затвораш вратите, па да им објаснуваш дека така полесно ќе влезат. Независните кандидати се директен глас на граѓаните – секое административно отежнување на нашата кандидатура е удирање по основното право на избор и претставеност. Зголемувањето на прагот не е услуга, туку бариера. И секој што тврди спротивно е уплашен од вистински плурализам“, остро реагираат независните.

    Во објавата на социјалните мрежи, тие го упатуваат Мицкоски да ја прочита Одлуката на Уставниот суд со која Судот ги укина претходните противуставни измени на Изборниот законик за да види што навистина се најдобри решенија за потребите на граѓаните.

    Сметаат дека измените кои Мицкоски и останатите партии во Собранието се обидуваат да ги протуркаат се уште поекстремна верзија на противуставните измени укинати од Уставниот суд.

    Потсетуваат на изјавата на Мицкоски кога не беше премиер, туку предводник на опозицијата дадена на 1 август 2021 година: „За ВМРО-ДПМНЕ е прифатлив и праг од 1% и воопшто да нема праг во однос на поднесувањето потписи за независна листа за кандидатура на претстојните локалните избори“ и го прашуваат: „Од што денеска се плаши Мицкоски како премиер?“

    Како примери на европски земји со број на потребни потписи за листа на независни кандидати  за пратенициги посочуваат: Франција нема потписи; Естонија нема потписи, само депозит во висина на минимална плата;  Малта 4 потписници со €90 депозит, кој се враќа ако освои 10% од изборната квота; Обединетото Кралство 10 потписи; Грција 12 потписи по изборна единица; Ирска 30 потписи или €500 депозит; Холандија од 10-30 по изборна единица, до максимални 580 на ниво на држава; Финска 100; Данска 150-200; Германија 200; Швајцарија за кантони, зависно од големината 100-200-400 потписи; Исланд 30-40 потписи за пратеничко место во избирачка единица. Вкупниот број на потписи по ИЕ се движи од 240-520, зависно од бројот на пратенички места по ИЕ; Австрија потписи од 3 пратеници или 100-200-400-500 потписи зависно од федералната држава/Виена. За кандидирање на ниво на цела држава 2.600 потписи; Белгија потписи од 3 пратеници или 200 (ИЕ под 500.000), 400 (ИЕ од 500.000-1.000.000), 500 потписи (ИЕ над 1 милион); Хрватска 500;Унгарија 500; Норвешка 500

    „Нема да се откажеме и ќе се бориме до крај. Колку повисоки прагови поставувате, толку повисоко ќе прескокнеме“, велат граѓанските иницијативи.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира