На првиот настан, на поетот Славе Ѓорѓо Димоски од Македонија и на српската поетеса Радмила Лазиќ ќе им биде врачена меѓународната награда за поетски опус „Книжевен жезол“, која Друштвото традиционално ја доделува на еден домашен и на еден странски поет. Пред врачувањето на наградите ќе биде претставено и изданието на „Книжевен жезол“, со одбрани песни од лауреатите на наградата, по што за поезијата на Славе Ѓорѓо Димоски ќе беседи поетот Зоран Јакимоски, додека за творештвото на Радмила Лазиќ пригодна реч ќе одржи академик Катица Ќулавкова. Наградата на поетот Славе Ѓорѓо Димоски ќе му ја додели претседателот на Друштвото на писателите на Македонија, Живко Грозданоски. Кон свеченоста на настанот со своето присуство особено ќе придонесе претседателката на Република Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, која е ревносен поддржувач на домашната култура, и која утре ќе ја врачи статуетката „Книжевен жезол“ на гостинката од Србија.
На литературното читање ќе се претстават дваесетина поети и прозни автори, членови на ДПМ: Мирјана Тренчева, Владимир Мартиновски, Сузана Мицева, Јусуф Сулејман, Гордана Јовиќ-Стојковска, Милчо Мисоски, Искра Донева, Каљош Челику, Даниела Андоновска-Трајковска, Лулзим Хазири, Фима Клетникова, Борче Панов, Лејла Шериф Емин, Бранко Прља, Вања Изова-Велева, Дејан Трајкоски и Љубинка Донева. По читањето ќе бидат доделени и наградите на тројцата победници на анонимниот конкурс што Друштвото традиционално секоја година го организира на оваа манифестација, а кој оваа година е тематски и се однесува на кратки книжевни форми, раскази и поезија „Помеѓу пејзажот и бетонот“.
Обата настани на книжевната манифестација во Друштвото на писателите ќе имаат и музички карактер: литературното читање „Празник на липите 2025“ ќе биде врамено во два настапи од Ана Трсунова на флејта и Луна Лилиќ на гитара, кои ќе се претстават со дела од Томасо Албинони и Астор Пјацола, додека претставувањата на добитникот и на добитничката на „Книжевен жезол“ и врачувањето на статуетките ќе биде отворено и затворено со настап на етно-групата „Баклава“, која токму оваа година одбележува мал-голем јубилеј: дваесет години постоење на македонската и на меѓународната музичка сцена.