Во поплавите, предизвикани од обилните дождови во северниот дел на италијанскиот регион Емилија Ромања, загинаа пет лица, соопштија властите во средата, додека локалните градоначалници ги предупредија жителите дека сѐ уште се во опасност.
„Бројот на потврдени жртви во моментот се искачи на пет“, откако две тела беа пронајдени од нуркачи во градот Форли, изјави претставник на локалната власт за АФП.
Еден маж престојувал на приземјето од својата куќа за време на поплавите и се удавил. Има извештаи и за исчезнати лица.
Провинциите Равена, Форли-Чезена, Римини и Болоња, а особено градовите Фаенца, Чезена и Форли се најпогодени, соопшти италијанската противпожарна служба и посочи дека распоредила 400 пожарникари и одговорила на 600 повици од вчера наутро.
Сликите и видеата направени од противпожарната бригада покажуваат цели улици под вода, одрони од кал што ги блокираат патиштата и полиња кои наликуваат на морски пејзажи. Според Цивилната одбрана, само во Емилија Ромања се поплавени 14 реки.
Според министерот за цивилна одбрана, Нело Мусумечи, околу 5.000 луѓе се евакуирани.