Во црквата „Успение на Пресвета Богородица" во Делчево денеска се одржа света литургија во чест на празникот на Св. Апостол и евангелист Марко, којшто е именден на епископот делчевско-каменички г. Марко.

Со литургијата началствуваше епископот г. Марко, во сослужение на митрополитот врањски г. Пахомиј, митрополитот крушевско-демирхисарски г. Јован, митрополитот нишки г. Арсениј и викарните епископи дремвицкиот г. Давид и стобискиот г. Јаков.

По прочитаното евангелско зачало на литургијата, беседеше епископот дремвицки г. Давид.

-Чувствуваме истовремено неизмерна радост, затоа по молитвите на првосвештениот епископ г. Марко, чиј именден го празнуваме, и по молитвите на светиот апостол и евангелист Марко како и на браќата архијереи кои сослужуваа, ќе кажам да се покажуваме секогаш како личности на радоста. Доколку човекот не е радосно постоење, не може ни да се нарече православен христијан. Значи, да се покажуваме секогаш како автентични луѓе на воскреснатиот Христос во Бога и Оца преку несоздадената благодат на светиот дух, истакна г. Давид.

На крајот од литургијата пригодно обраќање одржа и делчевско-каменичкиот епископ г. Марко кој им се заблагодари на сите присутни за честа која му ја укажаа, како што рече „браќата архијереи“, но и сите кои „помогнаа чествувањето на светиот апостол и евангелист Марко да помине како што доликува“.

По завршувањето на литургијата за присутните беше приредена трпеза.