Балкан

Белград: Јусејн Болт e првиот официјален амбасадор на ЕКСПО 2027

Специјализираната изложба ЕКСПО ќе се одржи во Белград од 15 мај до 15 август 2027 година со тема „Играј за човештвото - спорт и музика за сите“, а се очекуваат повеќе од четири милиони посетители во текот на 93 дена

Senita Sehercehajic  | 17.06.2025 - Обновена : 21.06.2025
Белград: Јусејн Болт e првиот официјален амбасадор на ЕКСПО 2027

БЕЛГРАД (АА) - Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, го претстави денес првиот официјален амбасадор на меѓународната изложба ЕКСПО 2027 во Белград, Јусејн Болт, повеќекратен олимписки и светски атлетски шампион во дисциплини на 100, 200 и 4 пати 100 метри, јавува Анадолу.

Велејќи дека досега 115 земји го потврдиле своето учество на ЕКСПО 2027, Вучиќ додаде дека тоа ќе биде најголемиот настан во светот за таа година.

„Болт го држи рекордот на 100 метри од 9,58. Не сум сигурен дека некој некогаш ќе може да трча побрзо. Без разлика колку напредува технологијата, без разлика колку напредуваат тренингот и методите на тренинг, човекот е едноставно најдобриот досега, најбрзиот досега, и тоа е тоа. И овие 19,19 на 200 метри ќе биде тешко да ги срушат, но можеби еден ден ќе се случи тоа, а овој од 9,58 никој никогаш нема да го сруши“, рече Вучиќ.

Тој нагласи дека „бренд-амбасадорот на ЕКСПО и Србија е најбрзиот човек досега“.

„Досега потврдивме 115 земји учеснички од сите континенти“, истакна Вучиќ.

Јусејн Сент Лео Болт е роден на 21 август 1986 година во Јамајка. Поранешниот атлетичар е повеќекратен олимписки и светски шампион на трките на 100, 200 и 4x100 метри. Тој ги постави сè уште актуелните светски рекорди на 100 и 200 метри на Светското првенство во Берлин во 2009 година. Тој истрча 100 метри за 9,58 секунди, додека неговото време на 200 метри беше 19,19 секунди. Тој е освојувач на осум златни олимписки медали.

„Навистина голема чест ми е што сум тука за прв пат. Возбуден сум што можам да го претставам ЕКСПО на целиот свет“, рече Болт по средбата со српскиот претседател во Белград денес.

Болт ја заврши својата професионална спринтерска кариера во 2017 година. Потоа, кратко играше фудбал за австралискиот клуб Централ Коуст Маринерс. Играше на неколку пријателски натпревари и постигна два гола, а во 2018 година успеа да го исполни својот сон и да игра на стадионот на својот омилен тим - Манчестер Јунајтед - во добротворен натпревар во поддршка на УНИЦЕФ. Во 2019 година, ја заврши својата фудбалска кариера и сега спортува само за забава и фитнес.

Болт е сопственик на синџир јамајски ресторани и им помага на луѓето на кои им е потребна помош преку својата фондација. Тој е оженет и има три деца.

Документарниот филм заснован на спортскиот живот на Болт, „Јас сум Болт“, беше објавен на 28 ноември 2016 година во Велика Британија, а тој има напишано две книги за својот живот, „Побрзо од молња: Мојата автобиографија“ и „Мојата приказна: Како да се биде најбрзиот човек на светот“.

Специјализираната изложба ЕКСПО ќе се одржи во Белград од 15 мај до 15 август 2027 година со тема „Играј за човештвото - спорт и музика за сите“, а се очекуваат повеќе од четири милиони посетители во текот на 93 дена.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.