Економија
Враќање на знаењето и стручноста во време на економски предизвици, нова фаза за Сојузот на економисти на Македонија
11.04.2025
Во време на економски предизвици и глобални трансформации, потребата од јасен, стручен и одговорен глас на економистите е поголема од кога било. Сојузот на економисти на Македонија, која е институција со повеќедецениска традиција и влијание, започнува нова фаза на ревитализација, обновена мисија и активно вклучување во јавниот и стручниот дискурс, се наведува во соопштението на Сојуз на економисти на Македонија.
На денешното Годишно собрание оддржано во просториите на МАНУ, за претседател на Сојузот беше избран Борче Треновски, професор на Економскиот факултет – Скопје, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
- Оваа институција која повеќе од пет децении ги обединува економистите во земјата, повторно ќе стане отворена, стручно заснована и инклузивна платформа. Потребно е, повеќе од кога било, да ја реафирмираме улогата на економистите во унапредување на економската мисла и примената на знаењето во креирањето политики и подобрување на економското окружување во земјата. Сојузот треба да биде форум каде ќе се сретнат науката, практиката и јавниот интерес – со јасна улога и во националното и во глобалното економско окружување, истакна тој во своето обраќање.
Со новата визија, Сојузот ќе ги обедини академиците, истражувачите, професионалците од јавниот и приватниот сектор, како и новата генерација млади економисти, со цел заеднички да придонесат кон забрзан и одржлив долгорочен економски развој на Република Македонија, се наведува во соопштението на Сојуз на економисти на Македонија.
Извор/фото МИА