АктуелноЛокално

127 незаконски вработувања – 350.000 евра исплатени без дозвола: Кривична пријава за екс-директорот на Здравствен дом Куманово

Скандал со незаконско вработување и злоупотреба на јавни средства го потресе Здравствениот дом во Куманово, откако Секторот за внатрешни работи поднесе кривична пријава против поранешниот директор на установата. Тој се сомничи дека во периодот од 2020 до 2024 година, без претходна согласност од Министерството за здравство и Министерството за финансии, ангажирал 127 лица преку незаконски договори, со што им биле исплатени над 350.000 евра од буџетски средства.

Според информациите од СВР Куманово, во периодот од 2020 до 2024 година, директорот склучувал договори на дело и вработувал лица без претходна согласност од надлежните институции, со што ги прекршил Законот за работни односи и Законот за трансформација во редовен работен однос. Овие дејствија се констатирани од Државниот инспекторат за труд.

Овој случај го става во фокусот прашањето за злоупотреба на јавните ресурси и непочитување на законските процедури во здравствениот сектор. Во контекст на веќе постоечките проблеми со недостиг на медицински персонал и финансиски средства во здравствените установи, ваквите незаконски вработувања дополнително ја влошуваат состојбата.

Иако Министерството за здравство неодамна назначи нови директори во неколку здравствени институции, вклучително и во Куманово, останува да се види дали овие промени ќе донесат потребната транспарентност и отчетност во управувањето со јавните здравствени установи.

Z P

Zvezdanka Pesikj