петок, 16 мај 2025

Стотина нуркачи од Македонија и од регионот го чистеа Охридското Езеро

Во организација на Нуркачкиот центар „Амфора“, денеска се спроведува еколошката акција „Охрид ЕКО 2025“ за чистење на дното на Охридското Езеро од цврст отпад.

Објавено на

часот

Сподели

„Целта на акцијата е да се извади штетниот цврст отпад од езерото, да се влијае врз јавната свест на населението и на туристите за потребата од заштита на екосистемот и пред сè да внимаваме како постапуваме со отпадот“, рече Јован Секулоски од „Амфора“.

Во акцијата што ќе опфати повеќе локации на потегот од вливот на реката Черава кај Љубаништа, сè до Калишта кај Струга, се вклучени стотина нуркачи од земјата, но и од клубови од регионот, вклучуваќи клубови од Србија, Црна Гора, Хрватска и Босна и Херцеговина, како и бројни волонтери.

„Најмногу отпад наоѓаме во форма на пластика, стакло, лименки, автомобилски гуми, градежен шут. Најкритични точки во езерото се вливовите на реките. На сите акции што ги спроведуваме ги елиминираме тие точки, но мора проблемот да се решава и на други начини, нешто преку еколошки акции, така и со едукација за правилно управување со отпадот“, рече Секулоски.

Сафет Караџиќ од Нуркачкиот клуб „Шарк“ од Јајце, БиХ, посочи дека неговите искуства од претходните акции за чистење тука покажуваат дека самото Охридско Езеро не е многу загадено со цврст отпад, но ваквите редовни акции за чистење дополнително ќе придонесат за одржување на неговата чистота.

Министерот за земјоделство, водостопанство и шумарство на кантонот Средна Босна во БиХ, Адван Акељиќ, од своја страна рече дека учеството во акцијата е добра можност за размена на искуства, што ќе придонесе за јакнење на капацитетите на нуркачките клубови во БиХ, како во сферата на заштитата и спасувањето, така и за реализација на слични еколошки акции.

„За важноста на екологијата не треба да се зборува. Самите еколошките проекти на копно се популарни, но и предизвик, да не зборуваме за сложеноста кога активностите се спроведуваат под вода. Ваквите акции и тим-билдинзи сигурно ќе придонесат за подобрување на еколошката ситуација, како локално така и пошироко“, рече тој.

Ова е четврта акција за чистење на езерското дно од цврст отпад што се реализира во организација на Нуркачкиот центар „Амфора“. Оваа година таа се спроведува под покровителство на Општина Охрид и „ДМ дрогерии“.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ