Македонија
19. December 2022 - 16:40

САД со предупредување за сите кои ќе патуваат во Македонија, безбедносните служби на состанок за лажните бомби

Дојавите за поставени бомби ја направија Македонија небезбедна за американските граѓани. Амбасадата на САД во Скопје издаде предупредување – сите кои ќе патуваат во Македонија да бидат внимателни каде ќе се движат , но и да бидат свесни за нивната околина бидејќи џебните кражби и другите ситни криминали може да се зголемат.

„Има пораст на пријавени закани за бомби повеќе пати неделно низ Скопје и регионот, на станици за јавен превоз, аеродроми, хотели, трговски центри, спортски центри и училишта. Локалните органи за спроведување на законот ја истражуваа секоја закана и досега сите закани за бомби беа лажни. Ако се најдете на локација што добила закана за бомба, следете ги упатствата на локалниот безбедносен персонал и полицијата на лице место“, стои во соопштението на САД.

За премиерот чекорот на американската амбасада е нормална процедура. Најави дека денеска безбедносните служби на координативен состанок ќе расправаат за безбедноста на државата.

Министерката за одбрана пак не смета дека се почестите дојави за бомби се закана за безбедноста на граѓаните, но најави стратегија за справување со сајбер нападите.

Пратениците пак побараа МВР да испрати допис во кој ќе извести за безбедносната состојба и какви чекори превзема државата во справување со ситуацијата.

Претходно и германските власти издадоа предупредување до нивните граѓани да се информираат од доверливи локални и социјални медиуми во врска со актуелната ситуација и да ги следат препораките на локалните власти и безбедносни сили.