Рускиот суд нареди да бидат запленети средствата, сметките, недвижен имот и акциите на Дојче банк и Комерцбанк во Русија како дел од тужбата против германските банки, се наведува во судските документи.
Овие банки беа меѓу кредиторите кои имаа договор за изградба на фабрика за преработка на гас во Русија со германската компанија „Линде“, кој беше раскинат поради санкциите на Западот кон Москва.
Тужбите се поднесени од „RusChemAlliance“, компанија која е во половина сопственост на гасната компанија Газпром, која е оператор на овој проект, пренесува Reuters.
Арбитражниот суд во Санкт Петербург му забрани на Дојче банк да го реализира своето учество во капиталот во нејзината руска подружница, како и во компанијата „Дојче банка Технолошки центар ДОО“.
Судот нареди заплена до 238,6 милиони евра во хартии од вредност, недвижен имот и банкарски сметки на Deutsche Bank, нејзините подружници и „Deutsche Bank Technology Center LLC“.
Дојче банк во Франкфурт објави дека веќе резервирала околу 260 милиони евра.
„Ќе треба да видиме како ова барање се спроведува од руските судови и да го процениме непосредното оперативно влијание во Русија“, се вели во соопштението на банката.
Комерцбанк не одговори веднаш на барањето за коментар.
Судот заплени и имот на Комерцбанка вреден 93,7 милиони евра, како и хартии од вредност и зградата на банката во центарот на Москва.
Во петокот, рускиот суд нареди во посебна тужба да бидат запленети средства, сметки и недвижен имот, како и акции во две подружници на Уникредит банка.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата