Иако неколку лекари моментално се соочуваат со судски процеси, ретко кому му се одзема лекарската лиценца. Дури и покрај бројните поплаки од пациенти за лекарски грешки, одземањето лиценца останува исклучителна мерка. Во Македонија во последните 20 години одземени се лиценци само на двајца доктори. Според македонските закони, тоа е можно само по правосилна судска пресуда, со докажана врска меѓу стручниот пропуст и фатален исход. Дополнително, министерот за здравство има право, во исклучителни случаи, да започне постапка за одземање лиценца. Сепак, конечната одлука ја носи Лекарската комора, како главен регулаторен орган.
„Од одземени по судска пресуда за последниве дваесет години имаме две одземени трајни лиценци и две привремени“, изјави Калина Гривчева Старделова, претседателка на лекарска комора.
Денеска, пак, беа доделени нови лиценци, продолжувајќи ја долгогодишната пракса на регулација на лекарската професија. Првото официјално лиценцирање во Македонија беше одобрено во 2004 година, а процесот се одвива во циклуси: по првичното стекнување на лиценцата, лекарите мора да чекаат седум години за нејзино обновување. Оваа година 1.500 лекари ги обновуваат своите дозволи за работа, со што вкупниот број активни доктори во земјата достигнува 9.900. Во домашниот регистар на лекари се внесуваат само оние кои успешно го положиле државниот испит.
Тамара Марковска