1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија повторно „воздржана“ во ОН за војната во Газа

БГ
13 јуни 2025

Македонската влада одби да поддржи уште една резолуција во ОН за војната во Газа која беше усвоена од огромно мнозинство членки. Министерот Муцунски вели дека на Скопје му пречело недоволно јасното дефинирање на Хамас.

https://p.dw.com/p/4vsBA
Македонскиот министер за надворешни работи Тимчо Муцунски пред влезот во МНР
Македонскиот министер за надворешни работи Тимчо МуцунскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Резолуцијата која во четвртокот беше усвоена во Обединетите нации, а со која, меѓудругото, се бара итен прекин на огнот во Газа, содржела елементи кои биле спротивни на македонските национални интереси, вели министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски.

Земјите-членки на Обединетите нации во четвртокот со огромно мнозинство изгласаа резолуција со која се бара итен прекин на огнот во Газа, ослободување на сите заложници што ги држи Хамас и неограничен пристап за испорака на итно потребна храна за два милиони Палестинци.

Според експерти и организации за човекови права, гладот е широко распространет во Газа, а околу 2 милиони Палестинци се во ризик од глад доколку Израел не ја укине блокадата и не ја прекине воената кампања, која повторно започна во март по завршувањето на претходното примирје со Хамас.

Резолуцијата беше усвоена со 149 гласа „за“, 12 „против“ и 19 воздржани, од вкупно 193 земји членки на Генералното собрание. По усвојувањето, следуваше аплауз. Соединетите Американски Држави и нивниот блиски сојузник Израел гласаа против, заедно со Аргентина, Унгарија, Парагвај, Папуа Нова Гвинеја и шест пацифички островски држави. Северна Македонија, заедно со Албанија, Чешка, Словачка и Романија од европскиот континент, беше меѓу 19 држави кои гласаа воздржано. 

Сакаме мир, вели Муцунски   

Муцунски во петокот во Скопје објаснуваше дека „ние сакаме мир насекаде во светот“, но резолуцијата која беше изгласана во ОН, според него, „не е резолуција за мир“. Клучниот проблем на резолуцијата, според Муцунски, била недоволно јасната дефиниција на Хамас.

„Во таа резолуција ќе видите аргументи кои се спротивставени со основните принципи на меѓународното јавно право. Во таа резолуција ќе видите недоволно јасно дефинирање на тоа што е Хамас. За мене нема никаква дилема дека Хамас е терористичка организација, која што изврши убиство на територијата на Израел. Кога нема јасно дефинирање за дејствијата на Хамас, за организацијата Хамас, што правел Хамас... не можеме да застанеме зад една таква резолуција“, рече Муцунски за време на заедничката прес-конференција со унгарскиот шеф на дипломатијата Петер Сијарто во Скопје. Додаде дека „елементи на резолуцијата“ биле во спротивност „со нашите национални интереси“. 

Aмериканската амбасадорка во ОН, Дороти Шеј во прв план, зборува пред микрофон. Зад неа седат две жени и двајца мажи.
Aмериканската амбасадорка во ОН, Дороти Шеј рече дека нејзината земја нема да ја поддржи резолуцијата затоа што таа не го осудува нападот на ХамасФотографија: Leonardo Munoz/AFP/Getty Images

Објаснувањето на Муцунски има елементи на сличност со она што во пресрет на гласањето на резолуцијата во ОН го говореа израелскиот и американскиот амбасадор во светската организација.

Амбасадорот на Израел во ОН, Дани Данон, остро се спротивстави на резолуцијата, особено затоа што таа не содржи осуда за Хамас за нападот во јужен Израел на 7 октомври 2023 година. Тој негираше дека Израел користи глад како оружје, нарекувајќи ги таквите тврдења „крвава клевета“, и инсистираше дека хуманитарната помош се доставува. 

Во сличен тон, и в.д. американската амбасадорка во ОН, Дороти Шеј рече дека нејзината земја нема да ја поддржи резолуцијата затоа што таа не го осудува нападот на Хамас и не бара негово разоружување и повлекување од Газа. Резолуцијата (...) „испраќа неприфатлива порака до Хамас и до другите терористички групи поддржани од Иран, и таа порака гласи ќе бидете наградени за земање заложници, преусмерување на помошта и напади врз цивилни цели“, рече Шеј.

Во нападот на 7 октомври, милитантите предводени од Хамас убија околу 1.200 луѓе, главно цивили, и зедоа 251 заложник; 53 од нив сè уште се држат во заробеништво, од кои Израел смета дека 30 се починати.

Воената кампања на Израел, според Министерството за здравство во Газа, досега однела повеќе од 55.000 палестински животи. Се наведува дека поголемиот дел од жртвите се жени и деца, но не се прави разлика меѓу цивили и борци. Израел, пак, тврди дека убил повеќе од 20.000 милитанти, без да приложи докази за тоа.