Антиќ: Томица Главчев е вистинскиот избор за кошарката во Македонија

од Nikola Popovski
56 прегледи

Денеска во просториите на КФСМ се сретнаа актуелниот претседател на Кошаркарската Федерација, Перо Антиќ, и господинот Томица Главчев.

Господинот Главчев ќе биде единствениот кандидат за избор на нов претседател на Федерацијата на вонредната седница на Собранието на КФСМ, закажана за денес, во СЦБТ со почеток во 16:00 часот.

„Ми претставува особена чест и задоволство што денеска го пречекав идниот претседател на Кошаркарската Федерација која беше мојот дом во изминатите шест години. Мојот пријател Томица ја има мојата апсолутна поддршка и верувам дека тој е вистинскиот избор за напредокот на кошарката во Македонија. На новиот Претседател му посакувам среќа и успешна работа во години што следат“, го поздрави Антиќ својот наследник.

Главчев во последен момент излезе како фаворит за претседателската улога, додека поранешниот репрезентативец, Младен Ѓуроски, кој изминативе месеци фигурираше како наследник на Антиќ, ќе добие улога во која би требало и подобро да се снајде – директор задолжен за спортскиот дел од работата на Куќата на кошарката. Во неговиот тим се споменуваа и легенди како Врбица Стефанов, Петар Наумоски и Владо Илиевски, а дали тие ќе останат и во приказната на бизнисменот од Гевгелија ќе покаже следниот период.

Слични содржини