Фратези го постигна победничкиот гол за Интер, но тој спектакл во продолжението немаше да биде возможен доколку во судиското продолжение од регуларниот дел од натпреварот не блеснеше Франческо Ачерби, дефанзивецот кој во манир на голем стрелец го совлада Шчесни за 3-3 и тотална еуфорија на „Џузепе Меаца“.
Она што е интересно, ова беше прв гол за Ачерби во европските натпреварувања во кариерата на 37-годишниот дефанзивец, кој воедно стана и најстар стрелец на прв погодок во ЛШ во историјата на ова натпреварување.
Животната приказна на Франческо Ачерби е неверојатна, ако се знае дека тој до 22 години само аматерски се занимаваше со фудбал, а кога почна да напредува, смртаа на неговиот татко остави силна трага врз неговиот живот. Франческо падна во депресија и почна премногу да се дружи со алкохолот, а колку и да звучи парадоксално – животот му го спаси што му беше дијагностицирана тешка болест.
Кој е Франческо Ачерби?
Ачерби е роден во 1977 во Вицоло Предабиси, општина во близина на Милано. Кариерата ја почна во локалниот клуб Павија, каде играше до 22-годишна возраст во третата и четвртата лига. Летото 2010 се сели во второлигашот Реџина, каде минува една одлична сезона по што направи трансфер во Серија А и го облече дресот на Киево.
Блеска и во дресот на Киево, по што следи трансфер во Милан, но не успеа да се наметне во овој италијански гигант. Тогаш го минува и најтешкиот период во животот, по смртта на неговиот татко. „Тој почина неколку месеци пред мојот трансфер во Милан. По неговата смрт се чувствував празно, фудбалот ми беше безначаен. Почнав да пијам и верувајте ми, пиев што стигнам колку што имаше… Се тргна низбрдо, станав премногу арогантен, се додека не добив рак“, ја раскажа својата животна приказна неодамна одличниот дефанзивец.
Ачерби во летото 2013 се пресели во Сасуоло, а на лекарските прегледи беше утврдено дека има рак на тестисите. По операцијата со која беше отстранет туморот тој почна да игра, но на крајот на истата година тешката болест се врати. Фудбалерот два месеци примаше кемотерапии за на крајот да излезе како победник од тешката битка, за од следната сезона да му се врати на фудбалот.
Кога разговара за минатото, тој не крие дека според него – ракот му го спасил животот… бидејќи за време на лечењето го оставил алкохолот, а кога ја победил болеста му се вратила и страста за фудбалот.
„Некогаш мислев дека ќе играм 15 години во Милан, на највисоко ниво. Денеска не мислам тако. Да не добиев рак, ќе заминев во пензија на 28 години. Можеби пак ќе играв во Серија Б, но мојот вистински живот почна откако заболев од оваа тешка болест. Тогаш добив втора шанса во животот“, порачува Ачерби.
Откако го победи ракот, тој четири години беше стандарден во Сасуоло, по што во 2018 се пресели во Лацио во трансфер вреден 12 милиони евра.
Стана и репрезентативец на Италија, со „аѕурите“ закитувајќи се и со титулата европски првак на ЕП 2021. Во Лацио остана се до 2022 година, за на 34-годишна возраст да се врати назад во Милано, овојпат како член на Интер.
Со „нероаѕурите“ стигна до шампионското скудето, а ќе го игра и второто финале во Лигата на Шампионите. Токму благодарение на неговиот гол постигнат во 93. минута од мечот за паметење против Барселона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА